Украинскиот претседател Володимир Зеленски го покани словачкиот премиер Роберт Фицо во Украина за да разговараат за „сите актуелни проблеми“ меѓу двете земји, објави денеска кабинетот на украинскиот лидер, цитиран од Укринформ.
Поканата е упатена за време на телефонскиот разговор меѓу двајцата лидери и доаѓа во услови на спор околу нафтоводот „Дружба“ преку кој транзитира руската нафта низ Украина, забележуваат британските медиуми.
„Украинскиот претседател моментално разговара со словачкиот премиер Роберт Фицо. Претседателот го покани во Украина за да разговараат за сите актуелни проблеми“, се наведува во соопштението од кабинетот на украинскиот претседател, цитирано од Укринформ.
Како што претходно објави Укринформ, словачкиот премиер Роберт Фицо објави прекин на вонредното снабдување со електрична енергија за Украина од 23 февруари. Словачка претходно објави прекин на снабдувањето со дизел гориво за Украина поради прекини во снабдувањето со руска нафта преку нафтоводот „Дружба“.