Свет САД

Рубио: САД ги проверуваат наводите на Куба за инцидентот со чамецот, ќе се реагира по утврдување на фактите

Нема да шпекулирам или да изразувам мислење за она што сè уште не го знаеме. Ќе утврдиме точно што се случило, а потоа ќе реагираме соодветно, рече Рубио.

Рубио: САД ги проверуваат наводите на Куба за инцидентот со чамецот, ќе се реагира по утврдување на фактите

Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска изјави дека Соединетите Американски Држави „независно ги проверуваат информациите“ доставени од кубанските власти за инцидентот покрај брегот на Куба, нагласувајќи дека во случајот не бил вклучен ниту еден член на американската влада и дека Вашингтон ќе реагира дури откако ќе ги утврди сите факти, додека Хавана тврди дека станува збор за обид за терористичка инфилтрација.

Во истрагата се вклучени Министерството за внатрешна безбедност на САД и крајбрежната стража, прецизираше Рубио, нагласувајќи дека немало операција од страна на американската влада во Куба, ниту пак американски државен кадар бил вклучен во инцидентот, според соопштението на американскиот Стејт департмент.

Тој нагласи дека информациите што се јавно достапни досега се главно оние што ги соопшти кубанската страна и дека САД независно ќе ги потврдат.

„Нема да шпекулирам или да изразувам мислење за она што сè уште не го знаеме. Ќе утврдиме точно што се случило, а потоа ќе реагираме соодветно“, рече Рубио.

Тој оцени дека вооружените конфликти на отворено море се „исклучително невообичаени“ и дека вакви инциденти со Куба не се случиле многу долго време.

„Ќе откриеме точно што се случило, кој бил вклучен и ќе донесеме одлуки врз основа на тоа“, заклучи американскиот државен секретар.

To top