Генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска оствари средба со амбасадорот на Швајцарската Конфедерација, Кристоф Зомер. Во фокус на разговорот беше досегашна соработка, рефлексии на активности и планови и приоритети на Собранието за реформи.
Генералната секретарка се осврна на плановите и приоритетите на Собранието за реформи кои се спроведуваат преку Собраниската служба, со акцент на донесената Стратегија за дигитализација на Собранието 2026 – 2028, усвоениот Акциски план за унапредување на рамноправноста меѓу жените и мажите 2025-2027, Етички кодекс за службата, Е-регистар, преку кој граѓанските организации се пријавуваат со свои податоци и сфери на интерес, овозможувајќи им на работните тела директно да ги поканат на своите седници.
Согласно Функционална анализа, преку која се согледаа клучните предизвици од организациски и функционален аспект во секојдневното работење на Собранието, се формираа нови Одделенија за проценка на влијание на регулативата и Одделение за стратешко планирање за навремено подготвување на стратешкиот план на Собранието, планирање на стратешките приоритети и нивна фискална проценка.
Димовска го нагласи и успешното работење и достигнувањата на службата во Парламентарниот институт, Собранискиот ТВ канал како и обуките за јакнење на капацитетите на службата и академско надградување, поддржано од Швајцарската конфедерација преку НДИ.
Зомер искажа задоволство од досегашната соработка со Собранието и му честиташе на раководството за започнатите тековни процеси, кои ќе се надградат и унапредат со заеднички заложби на вклучените страни.
Ја нагласи значајната улога на Собраниската служба во обезбедување на натпартиски консензус особено за законските решенија значајни за евроинтегративниот пат на државата.