Шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто, денеска изјави дека Украина во последните четири години добила повеќе финансиска помош од Европската Унија отколку Унгарија од нејзиното пристапување во Унијата во 2004 година.
Сијарто во унгарскиот Парламент ја обвини ЕУ за неправилна распределба на средствата, тврдејќи дека „сака да ги потроши сите средства на безнадежна војна што не може да се добие, фрлајќи ги парите на Европејците во бездна“, објави МТИ.
Шефот на унгарската дипломатија изјави дека од почетокот на војната во Украина, ЕУ обезбедила 193 милијарди евра помош за Украина, што, како што рече, е „три пати повеќе“ отколку што добила Унгарија од пристапувањето.
Тој додаде дека барањето за дополнителен воен заем од 90 милијарди евра сега е на маса, нагласувајќи дека тврдењето дека Украина ќе го врати тој долг би било „дрска лага“.
„Кога, од кои извори и како би можела Украина да врати барем едно евро?“, праша Сијарто.
Дополнително, тој посочи на плановите на ЕУ да издвои дури 360 милијарди евра за Украина во следниот седумгодишен буџет, што би се реализирало преку заеми или прераспределба на средства од други сектори.
Сијарто предупреди дека во тој случај „земјите-членки би умреле враќајќи го заемот, а нашите внуци и правнуци би биле во долгови“.
Тој, исто така, го критикуваше Брисел за обидот да ја направи ЕУ воен сојуз, што би подразбирало воени обврски за членовите.
Според него, ЕУ сака да ја продолжи војната, бидејќи мировниот договор сега би бил штетен за Украина и ЕУ, додавајќи дека кога војната ќе заврши, граѓаните може да се запрашаат зошто не потпишале подобар договор порано.
Унгарскиот министер го критикуваше Брисел за „укинување на историските цели на ЕУ“ и обид да ја „претвори во воен сојуз што би предвидувал воени обврски за своите членови“.
Сијарто изрази загриженост во врска со обидите за вовлекување на Унгарија во војната, нагласувајќи дека неговата земја нема да поддржи планови што би можеле да доведат до испраќање унгарски трупи во Украина и испраќање пари во Киев.
Тој, исто така, го повтори ставот на Унгарија за спротивставување на членството на Украина во ЕУ, наведувајќи загриженост за кршење на правата на малцинствата во Украина и политиката на присилна регрутација.
Заклучи дека Унгарија мора да остане неутрална во овој конфликт, нагласувајќи дека целта на владата е да го зачува мирот и безбедноста, како и да инвестира во сопствениот економски развој, наместо во воена машинерија.
Сијарто го повика парламентот да ја поддржи предложената резолуција со која се спротивставува на воведувањето на Унгарија во воени активности, нагласувајќи дека ова е клучна гаранција за националниот суверенитет и зачувувањето на мирот во земјата.
„Затоа, со почит ги молам моите колеги пратеници да го поддржат предлогот за парламентарна резолуција поднесена на оваа тема, што ќе биде важна гаранција и поддршка за ставот на владата во борбите во Брисел во наредните недели и месеци, бидејќи Унгарија мора да остане надвор од оваа војна“, заклучи тој.