Војната во Украина предизвика директна штета во вредност од 200 милијарди долари, а реконструкцијата ќе чини милијарди повеќе, се наведува во најновиот извештај на Светска банка, Европска комисија, украинската влада и Обединети нации.
Според нивните процени од почетокот на војната на 24 февруари 2022 година до крајот на декември минатата година, вкупната штета изнесува 195,1 милијарди долари, а за реконструкција на земјата ќе бидат потребни 587,7 милијарди долари во следните 10 години.
Станбената, транспортната и енергетската инфраструктура се најмногу оштетени. Штетата врз станбениот сектор се проценува на повеќе од 60 милијарди долари, а транспортниот сектор околу 40 милијарди долари.
На 31 декември 2025 година, 14 проценти од станбените единици се оштетени или уништени, што влијае на над три милиони домаќинства, се посочува во извештајот.
Најголема штета е предизвикана во источна Украина и регионот околу главниот град Киев. Околу 75 отсто од вкупната штета е регистрирана во областите на фронтот.
-Голем дел од парите потребни за реконструкција треба да се наменат за домување, транспорт и енергетика. Но, потребни се и средства за трговија и индустрија, како и за земјоделство, социјално осигурување, генерирање приходи и отстранување на остатоци од експлозиви – се посочува во извештајот.
Европската комесарка за проширување, Марта Кос, изјави дека ЕУ „ќе продолжи да игра клучна улога во поддршката на реконструкцијата и обновата на Украина со мобилизирање на повеќе приватни инвестиции преку Инвестициската рамка за Украина и со охрабрување на клучните реформи преку Планот за Украина што ќе привлечат инвестиции и ќе ја доближат Украина до членството во ЕУ“.
Додека координаторот на ОН, Матијас Шмале, изјави дека обновата на Украина не е само прашање на пари.
-Враќањето на бегалците, реинтеграцијата на ветераните и учеството на жените во работната сила ќе го обликуваат економското закрепнување исто колку и капиталните текови и обновата на инфраструктурата – наведе Шмале. (МИА)