Македонија Колумни колумна

 Минхен, Епштајн, воените труби и светските војни

И доколку се докаже дека една од најмоќните тајни служби во светот го “измислила“ самиот Џефри Епштајн, го “изградила“ педофилскиот остров, ги намамувала таму светските либерални лидери и ги “документирала“ нивните одвратни или помалку одвратни посети, ќе стане јасно дека радикалнолевичарската “елита“, заробена во сопствениот неморал, била само извршител на нечија одамна зацртана стратегија за владеење со светот од еден центар.

 Минхен, Епштајн, воените труби и светските војни

 

Пред 103 години, или во 1923 година,  во Минхен се случи таканаречениот Хитлер-пуч, или Пивнички пуч (Hitlerputsch), неуспешниот обид за државен удар од страна на Националсоцијалистичката партија на чело со Адолф Хитлер и херојот од Првата светска војна, генералот Ерих фон Лудендорф и други членови на Кампфбундот. Тогаш, во вооружениот судир паднаа и првите 14 жртви од страна на “пучистите“ и четворица “чувари на редот“. Се пролеа “првата крв“.

Па така, токму во Минхен одекнаа првите воени труби, труби кои се’ уште не навестуваа ништо, на кои светот речиси не се ни осврна, а кои, за жал, само десеттина години подоцна, донесоа невидени страдања за милиони луѓе. Воени труби кои ја воведоа Европа во трескавична трка на вооружување, во создавање воени сојузи и, на крај, до нова светска војна.

Ова беше првиот обид на Хитлер насилно да ја преземе власта во тогашната Вајмарска Република и да го започне својот крвав поход на тогашниот Советски Сојуз, откако ќе ја покори Европа и под капата на нацизмот ќе ги обедини своите европски колаборационисти. Обид, во барањето “животен простор“ (lebensraum), да стаса до руските територии и руските ресурси, уништувајќи ја руската држава.

МИНХЕН И ВОЕНИТЕ ТРУБИ ДЕНЕС

Деновиве заврши Минхенската безбедносна конференција, која секоја година традиционално се одржува во Минхен на средината на февруари. И, овојпат, не во скромната минхенска пивница, туку во елитниот минхенски хотел Бајеришер Хоф, повторно зазвучија воените труби. Труби кои можеби се’ уште не навестуваат ништо, на кои дел од светот нема да се осврне, но, кои повторно, како пред 103 години, ја воведуваат Европа во трескавична трка на вооружување, во создавање нови или зацврстување на старите воени сојузи и, на крај, до можна нова светска војна.

Имено, само така може да се протолкуваат зборовите на мнозинството европски “лидери“ и, на, којзнае според кој критериум поканетите десеттици сенатори, конгресмени и официјални лица од американската демократска партија. Меѓу нив, секако, госпоѓата Хилари Клинтон, која нормално, како што и доликува на жена од “класата Епштајн“, повика на уште оружје, војни и страдања.

Можеби зборовите на германскиот канцелар Фридрих Мерц дека “Европејците мора да научат и самите да го зборуваат јазикот на политиката на моќ“, најдобро ја претставуваат новата реторика на Европа, нејзината заложба за целосна милитаризација заради потребата “да и се спротивстават на руската агресија врз европските држави, која, нели, ќе следува наредниве години“.

Истовремено, на пример, поранешниот британски премиер заговара распоредување британски воен контингент во Украина, со што и официјално би се интернационализирал тамошниот судир. Естонија оди подалеку, па бара стационирање на нуклеарно оружје на нејзината територија, додека Полска веќе презеде конкретни чекори – излезе од меѓународниот договор за противпешадиски мини и најави нивно зголемено производство и распоредување на своите граници.

Притоа, во позадината на сите европски говорења, јасно прозвучува пресликаната желба, под капата на украинскиот неонацизам да се соберат сите европски колаборационисти, во нов обид да се освои “животен простор“ (lebensraum) за да се загосподари со руските ресурси уништувајќи ја руската држава.

Историјата се повторува, но овојпат најверојатно, не како фарса, туку, како трагедија.

НОВА СВЕТСКА КЛАСА – “КЛАСАТА ЕПШТАЈН“

Кога ќе погледнете внимателно од каде прозвучуваат воените труби, ќе видите дека звукот доаѓа од една голема либерална “елитна“ група луѓе кои во моментов владеат со најголемиот дел од европските држави, од оние кои неизбрани од никого владеат со Европската Унија, од оние кои во моментов се развластени во САД, а по секоја цена сакаат да се вратат на власт, либералната “елита“ на демократската партија.

Што е заедничко за сите нив?

Прво, заедничко е нивното “бројлерско“ растење преку различни идеолошки фондации низ чии најразлични воспитни полигони, обуки и едукации речиси сите поминале. Поминувајќи го тоа прво сито, огромен дел од нив е вшмукан во банкарскиот сектор и во бордовите на инвестициските фондови, за потоа да биде инсталиран како владеачка “елита“ низ европските држави, САД, ЕУ, или, во општествата со евроатлантски либерален вредносен систем.

Второ, заеднички е педофилскиот остров, островот “Епштајн“. Еден голем дел од нив биле и физички гости на овој остров и учествувале во ужасите од кои светот веќе почна да се згрозува, а за кои во целост допрва ќе чуе. Од членови на кралски семејства, преку поранешни претседатели на држави, министри, дипломати, или, токму оваа либерална “елита“, инсталирана да владее со светот. Поголемиот дел од нив не биле директно присутни на островот на злото, но со својата идеолошка радикалнолевичарска матрица за уништување на децата, семејството, верата и нацијата, уште како се препознаваат во досега најмасовното потврдено злосторство против човештвото.

Од сите нив не се создавала секта, ниту какво и да е тајно друштво, по угледот, на пример, на масонското, туку нешто многу поголемо, низ децении се создавала новата владеачка класа во светот – “класата Епштајн“. И доколку се докаже дека една од најмоќните тајни служби во светот го “измислила“ самиот Џефри Епштајн, го “изградила“ педофилскиот остров, ги намамувала таму светските либерални лидери и ги “документирала“ нивните одвратни или помалку одвратни посети, ќе стане јасно дека радикалнолевичарската “елита“, заробена во сопствениот неморал, била само извршител на нечија одамна зацртана стратегија за владеење со светот од еден центар.

А, во стратегијата јасно стои дека најпрво треба да се уништи христијанството, посебно она источното, дека потоа со исламот ќе оди многу полесно и дека, имајќи ги во свои раце банките, медиумите, индустријата за пропаганда и неморалните политичари, тоа и ќе се оствари.

Работите се многу посериозни од она што ни се сервира како божемна повеќепартиска демократија, во која, заслепени од наметнатите меѓупартиски препукувања во домицилната држава, народите пропуштаат да се спротивстават на надворешната сила која работи на нивното уништување.

И затоа, доколку “класата Епштајн“, како најмоќно оружје во рацете на еден центар на моќ, не биде уништена, човештвото ќе се соочи со сопственото уништување.

Страшо Ангеловски

Претседател на МААК

 

 

 

 

Најнови вести од Македонија Колумни

To top