На иницијатива на градоначалникот на Општина Ресен Јован Тозиевски, локалната самоуправа во соработка со Министерството за животна средина, ЈНУ Хидробиолошки завод – Охрид, Фармахем, Македонско еколошко друштво и експерти ќе се изработи нов план за управување со Паркот на природата „Езерани“.
Паркот на природата „Езерани“ од 1996 година со одлука на Собранието на Република Македонија е прогласен за Строг природен резерват, а целата административна територија припаѓа на Општина Ресен.
-Одржавме прв состанок и истиот помина во конститутивна атмосфера, со плодна размена на идеи и предлози за идни активности и мерки кои ќе придонесат за поефикасна заштита и одржливо управување со овој уникатен Парк на природа. Нашата намера е преку соработка, заеднички податоци, адаптивни практики за управување и ангажирање на заедницата да дадеме личен и институционален придонес во подготовката на план за управување со Паркот на природата „Езерани“, информираа од Општина Ресен.
Како што е познато, северниот крајбрежен дел на Преспанско Езеро заедно со дел од блатните екосистеми во непосредна близина на брегот кој според истоименото село се нарекува Езерани, е значајно подрачје во национални рамки, но и во европски и светски контекст. Како дел од Преспанско Езеро паркот на прирордата „Езерани“ вклучен е во листата на значајни орнитолошки локалитети или значајни подрачја за птици, потоа на листата на значајни растителни подрачја, како и на рамзарската листа на најзначајни водни станишта во светот.(МИА)