Свет

Хамас повика на меѓународен притисок врз Израел

Палестинската милитантна организација Хамас повика на меѓународен притисок врз Израел додека американскиот претседател Доналд Трамп за денеска го свика првиот состанок на неговиот контроверзен Одбор за мир за иднината на Појасот Газа.

Хамас повика на меѓународен притисок врз Израел

Палестинската милитантна организација Хамас повика на меѓународен притисок врз Израел.

Во соопштението, исламистичката група ја повика меѓународната заедница и земјите што учествуваат во новоформираниот совет да преземат „практични чекори“ за да го принудат Израел да ја запре својата воена кампања, да ги отвори граничните премини, да дозволи непречен влез на хуманитарна помош на територијата и веднаш да започне со реконструкција.

На состанокот на Одборот за мир во Вашингтон вчера, Трамп вети милијарди долари помош за крајбрежната област уништена од војната меѓу Израел и Хамас.

Меѓутоа, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху повтори дека реконструкцијата на Газа може да започне само откако Хамас ќе биде разоружан, велејќи дека оваа позиција е договорена со САД.

Хамас ги отфрли повиците за положување на оружјето.

„Хамас многу наскоро ќе се соочи со дилема“, рече Нетанјаху. „Да го положи оружјето на лесен или на тежок начин“.

Хамас изјави дека секој политички процес или договор за постигнување стабилност во Газа мора да се базира на „справување со основните причини на проблемот, имено окупацијата, прекинување на агресивните политики и овозможување на нашиот палестински народ да ги добие своите целосни и комплетни права“.

Од почетокот на прекинот на огнот со Израел, Хамас во голема мера ја врати контролата врз територијата што ја управува во Газа.

Трамп рече дека Мароко, Албанија, Косово, Казахстан и Индонезија се подготвени да испратат илјадници војници за да помогнат во обезбедувањето траен мир, иако ниту една земја сè уште не се согласила да ја преземе задачата за разоружување на Хамас како дел од предложените меѓународни сили за стабилизација.

„Мислам дека ќе се откажат од своето оружје“, рече Трамп, предупредувајќи дека Хамас во спротивно ќе се соочи со сериозни последици.

Германија и неколку други европски држави одбија да се приклучат на таканаречениот Одбор за мир, сметајќи го за ривал на Обединетите нации.

 

Извор МИА

To top