Модерниот регионален систем за отпад значи крај на импровизациите и трајно решавање на проблемот кој со децении ги мачи граѓаните– беше клучната порака од обраќањето на министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, на презентацијата на новата механизација за регионалниот центар Русино.
Инвестицијата во вредност од 1.114.200 евра е реализирана со поддршка од Европската банка за обнова и развој. Со новата механизација значително се зголемува оперативниот капацитет на Русино и се воведуваат современи стандарди во секојдневното работење. Оваа активност е дел од пошироката инвестиција од 55 милиони евра со која започна најголемата инфраструктурна реформа во секторот отпад во државата.
Во следната фаза е предвидена инвестиција од околу 14 милиони евра за рехабилитација и проширување на депонијата, што вклучува изградба на нови депониски ќелии, систем за управување со исцедок и биогас и затворање на постојната депонија.
Со тоа се обезбедува целосно усогласување со европските стандарди и воспоставување модерен регионален систем што значи крај на дивите депонии и почиста животна средина за граѓаните во Полог.