Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера повтори дека Украина нема да и отстапи територија на Русија, ниту ќе се повлече од областа што моментално ја контролира. Изјавата доаѓа во време кога преговорите за прекин на руската инвазија, кои се водат со посредство на САД, се заглавени токму на територијалните прашања во пресрет на четвртата годишнина од војната, пишува „Киев Индипендент“ ( The Kiev Independent).
„Илјадници, десетици илјади Украинци беа убиени бранејќи го тој дел од Украина“, рече Зеленски во интервју со Пирс Морган. „Мора да разбереме дека Донбас е дел од нашата независност. Тој е дел од нашите вредности. Не станува збор за земјата. Не станува збор само за териториите. Станува збор за луѓето.“
Зеленски изјави дека преговарачите постигнале поголем напредок во техничките дискусии, како што е следењето на потенцијалното примирје, отколку во политичките прашања. Во исто време, тој нагласи дека секое трајно решение бара силни безбедносни гаранции и учество на Европа.
„Кога зборуваме за безбедносни гаранции, мислиме на цврсти гаранции дека остатокот од светот – или барем некои земји – ќе бидат подготвени да реагираат доколку Путин се врати со својата агресија“, објасни Зеленски. Тој ја отфрли идејата за лична доверба во рускиот претседател Владимир Путин, велејќи дека на Украина ѝ се потребни „институционални“ гаранции.
Тој ги опиша Украинците како исцрпени по речиси четири години војна, но нагласи дека земјата е сè уште обединета. Како пример, тој ја наведе националната мобилизација за време на зимските енергетски напади и брзите поправки во Киев и другите градови. „Најтешката ситуација беше во Киев по сите тие напади врз електричната мрежа“, рече тој, додавајќи дека „240 бригади дојдоа од сите региони за да ја обноват клучната инфраструктура во Киев“.
Што се однесува до дипломатскиот процес, Зеленски потврди дека воените и техничките групи се поблиску до изготвување рамка за мисија за следење на прекинот на огнот, но призна дека политичките преговори остануваат спорни. Разговорите во Женева завршија по два дена, а руските преговарачи ги опишаа како „тешки, но практични“. Зеленски, од друга страна, оцени дека напредокот не е доволен и дека страните сè уште се далеку од договор за политичките прашања. Тој најави дека следниот состанок исто така ќе се одржи во Швајцарија.
Тој нагласи дека Украина не може да го прифати наводното руско барање Киев да ги повлече своите сили од преостанатите делови од регионот Донецк под украинска контрола. Тој го нарече таквиот предлог „неверојатен“, нагласувајќи дека Украина не ја признава руската окупација како легитимна.
Британските медиуми претходно неделава објавија дека Зеленски предупредил дека од Украина премногу често се бара да прави отстапки, за разлика од Русија, бидејќи разговорите се фокусираат на замрзнување на сегашната линија на фронтот.
Зеленски, исто така, се осврна на внатрешниот политички притисок околу изборите, објаснувајќи дека украинските закони не дозволуваат одржување национални избори за време на војна.
Меѓуто, тој додаде дека ќе размисли да го повика парламентот да го измени законот доколку се обезбеди двомесечно примирје, но предупреди дека кратката пауза не мора да значи крај на војната. „Ќе дадам сѐ од себе, ќе разговарам со парламентот. Тие ќе го променат законот… Се надевам“, додаде тој. (МИА)