На Воениот стадион во Градскиот парк во Скопје денеска, со постројување на екипите од командите и единиците на Армијата, свечено започна одбележувањето на 18 Февруари – Денот на меѓународните воени спортови, сe вели во Фесјбук статусот на АРМ.
Под мотото „Пријателство преку спорт“, припадниците на Армијата традиционално, по дваесет и први пат, се вклучија во одбележувањето на овој ден, натпреварувајќи се во повеќе спортски дисциплини: трчање, фудбал, кошарка, одбојка и пинг-понг. На отворањето присуствуваа заменикот на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин, државниот секретар во Министерството за одбрана, Елизабета Чуповска–Ристова, деканот на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, г. Влатко Неделковски и продеканот на Воена академија, г-ѓа Билјана Каровска Андоновска. Со пораката „Спортот нека ве зближува, а во натпреварите нека победат најдобрите“, генерал-мајор Азим Нуредин го прогласи Денот на Меѓународните воени спортови за отворен, истакнуваат од АРМ.