Во најновата студија на нирнбершкиот Институт за истражување на трудот се наведува дека украинските бегалци побрзо се интегрирале на германскиот пазар за труд за разлика од другите бегалци.
Педесет проценти од украинските бегалци, 3,5 години по доаѓањето во Германија, се вработени. Тие од доаѓањето во Германија поседуваат работна дозвола, интегрирани се во социјалните системи во иста мера како германските државјани, за разлика од сириските бегалци.
– Централната движечка сила на брзата интеграција на Украинците на пазарот на трудот беше брзиот пристап до јазични курсеви и канцеларии за вработување – наведе една од авторките на студијата Јулија Косјакова.
Во студијата се посочува и дека украинските бегалци кои работат во сектори со ниски плати сè уште се принудени да бараат некаков вид државна поддршка, како што е надоместокот за домување.
Студијата укажува и на тоа дека поголем број мажи се вработени отколку жени. Но, тоа се должи на фактот дека многу жени во Германија пристигнале со малолетни деца, што ја отежнува интеграцијата на пазарот на трудот.