Во денешниот брифин за медиуми, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски истакна дека оваа година ќе има зголемена контрола на терен.
„Контрола на терен ќе има затоа што се воочени многу неправилности. Сведоци сме дека има многу напуштени насади, за кои т.н. „ловци на субвенции“ земаат државни пари, а не придонесуваат во производството“, појасни министерот.
Тој истакна дека мора да се стави крај на ваква злоупотреба, субвенциите, финансиската поддршка ќе завршува кај активните земјоделци кои што живеат од производство на храна.
Согласно изјавите на министерот, земјоделецот треба да има минимум предадено 30% од своето производство во откупни центри.
Трипуновски, кој на брифинг со новинарите ги сублимира досегашните и следните активности на Министерството за земјоделство, објасни дека контролите нема никако да бидат тенденциозни, а ќе се спроведуваат зашто се вооочени корисници на субвенции кои воопшто не ги обработувале површините.
– Да се зголеми продукцијата на храна и субвенциите да имаат ефект, е целта на реформите во земјоделството што почнаа уште минатата година. Нелогично е да имаме милиони евра поддршка, а да бележиме пад на производството. Се покачуваат минималните критериуми за користење финансиска зашто сакаме да ги стимулираме вистинските, активни земјоделци. Кај нив треба да дојде поддршката, подвлече Трипуновски.
Осврнувајќи се на планираните промени кои допрва ќе се спроведуваат, министерот нагласи една од нив – дека со новата програма за поддршка нема да се субвенционира пченица ако не се користи сертифициран семенски материјал.