Белгиската полиција изврши претрес во неколку простории на Европската комисија во Брисел како дел од истрагата за можни неправилности при продажбата на недвижности во сопственост на ЕУ во 2024 година, објави „Фајненшл тајмс“.
Според наводи на извори запознаени со акцијата, претресите биле спроведени денеска на неколку локации, вклучувајќи го и одделот задолжен за буџет. Истрагата се однесува на продажба на неколку згради на ЕУ извршена за време на претходниот мандат на Европската комисија кога австрискиот политичар Јоханес Хан бил задолжен за буџетот.
Хан управувал со буџетот на ЕУ во вредност од околу билион евра до 2024 година. По напуштањето на функцијата, тој бил назначен за специјален претставник на ЕУ за Кипар.
Случајот го води Европското јавно обвинителство, а предмет на истрагата се вкупно 23 згради што биле купени од белгискиот државен инвестициски фонд SFPIM за 900 милиони евра во 2024 година. (МИА)