Многубројните награди кои ги има добиено во својата актерска кариера ги чува, како што вели, пикнати во една голема ќеса. За македонска актерска легенда, Благоја Чоревски – Чоре тие се лична сатисфакција и потврда дека е добар актер.
Во интер ток шоуто „Ништо лично“, на кај Антонио Димитриевски, Чоревски открива зошто само една награда ја чува во банкарски сеф и дали има некоја која му е најдрага.
-Единствено наградата „Златен ловоров венец“ од Сараево ја имам ставено во банка во трезор, затоа што е 14 карантно злато. Можеби не е вреден толку како пари многу, но нема такви награди многу. Меѓу три и пет, зависно од годината, се доделуваат. Кога ќе пресметам тоа се за 30 години колку се доделува во поранешна Југославија, околу 150 ја добиле (наградата) во тие 21-22 милиони луѓе. Раритетни се тие. Среќен сум што има колеги кои ја добиваат, вели Чоревски.
Актерот истакнува дека нема омилена награда, на сите нив гледа како на некакво скалило низ кариерата. Драги му се сите почнувајќи од наградата на „Млад борец“ за најдобар млад актер во 1972 година, па до последната, Орденот од претседателот на државата. Вели дека наградите за него, се потврда дека тоа што работи знае да го работи.
-Кога ќе излезеш на сцена, не одам напред со наградите. Тоа нема да ти помогне во улогата, во пронаоѓањето на карактерот кој ќе го играш на сцената. Тие нема да ти помогнат, публиката да ти поверува во тоа што го играш. Мора да знаеш, да го внесеш својот талент, верба, искуства, вели Чоревски во „Ништо лично“.