Лидерот Вардар со победа стартуваше во вториот дел од сезоната во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), откако попладнево во Скопје триумфираше убедливо над Арсими со 5-1 (4-0) во рамки на 17. коло.
Воведните три голови за домашниот тим ги постигнаа новите зимски засилувања во редовите на „црвено – црните“. Стефан Цветковиќ го отвори резултатот во 5. минута, а Бобан Николов (18 минута) и Дарко Велковски (35) беа прецизни во продолжението на натпреварот. Немања Босанчиќ до крајот на полувремето зголеми на 4-0 во 42. минута, а Азар Омерагиќ во 70. минута му донесе на Вардар предност од 5-0.
Почесниот гол за Арсими го постигна Цуцули од пенал во судиското продолжение.
Избраниците на Гоце Седлоски го искористија вчерашниот пораз на Струга на гостувањето во Тетово од Шкендија и со денешниот триумф ја зголемија предноста на врвот на табелата. Вардар е лидер со 45 бодови, четири повеќе од второпласираната Струга и шест повеќе од Шкендија на третото место.