Стратегијата на заклучен ум, толку својствена на една локална клиентелистичка групација којашто јас вообичаено ја нарекувам „пајтон интелигенција“, задолжително не подразбира и сетилен хендикеп, пред сѐ аудиовизуелен, како важен чинител во ориентацијата во просторот – физички и духовен. Односно, на пример, визуелната способност кај нив не е генерално нарушена (освен можеби диоптриски), но врската очи-ум е целосно загубена, нефункционална, закржлавена. Оттука кај нив и онаа појава позната како „неспособност за мислење“ (а јас ја гледам како заклучен ум), којашто во крајна линија води кон неможност – свесно или не – да се соочат со реалноста во којашто живеат. Или на таа реалност целосно да ѝ го завртат грбот, како да не постои, пишува Златко Теодосиевски за ПЛУСИНФО..
И тоа кај оваа групација се случува цела една година односно откако нивните газди беа детронирани од македонската политичка сцена: нема дилеми, нема прашања зошто и како дојде до тоа, нивниот заклучен ум едноставно одбива да регистрира, да поврзува, да сведочи…, па и да размисли. Важно, не забораваат да нѐ потсетат дека и тие „не се од вчера“. Па тоа и ѐ проблемот на оваа држава што секакви шушумиги се гледаат себеси како државотворци!
Тоа пак предизвикува редица други консеквенци, меѓу нив и нивниот целосен морален колапс и легитимирањето на криминалите на нивната политичка „опција“ коишто секојдневно, а деновиве особено, го преплавуваат македонскиот јавен простор. Сведочиме на целосен и катастрофален распад на една политикантско-коруптивна братија, на катаклизмичен тресок на остатоците на оној хибриден режим што со авиончето ќе нѐ носеше директно во еу (малите букви се…). На линијата на нивна одбрана остана само онаа клиентелистичка „шака јада“ што глуми некаква локална „интелигенција“, неколкумина вратари, курири и еден-два „медиуми“!
Меѓутоа, колку и да изгледа смешна оваа нивна раскокодакана одбранбена рапсодија како фалшиво терцирање на „соопштенијата на СДСМ“ (Геровски), таа сведочи и за нешто многу, многу подлабоко: за суштинско одбивање, па и спротивставување, на демократизацијата на општеството низ делегитимирањето на сите криминали на бившата власт, (веќе) патолошка неспособност за „дијалог со самиот себе“ но и со јавноста/општеството…, односно за заклучен ум и целосна морална тупост.
Зашто, кога една групација што се претставува како интелектуалци, па и цела „партија“, свесно ја врти главата на друга страна одмолчувајќи ги децибелите на сериозни, да не речам најтешки, обвинувања и занимавајќи се со дегутантни дефокусирања на некакви „презрени Роми“, „злонамерно инженерирана дипломатска изолација“, за некаква „националистичка десница“, за право на стварност и право на вистина и слични идиотизми, тогаш сѐ е јасно. Но, од друга страна, кога умот е целосно заклучен, каква може да биде таа стварност и таа вистина?
Е таа стварност и таа вистина ја кажуваат други вон нивното трло, посочуваат на сите узурпации, махинации, малверзации и други „демократски“ криминали во името на нивната стварност и вистина во, на пример, она „фамозно“ СЈО со уште „пофамозните“ „Ангели на Катица“ кои многу бргу се трансформираа во „Заеви ѓаволи“. Таа стварност сега најсликовито ни ја наслика една од тогашните обвинителки! Во таа „стварност и вистина“ секако се вклопуваат и грозоморните детали околу модуларната болница во Тетово, монструозниот грабеж што таму се случувал и којшто со ужасна смрт го платија 14 македонски граѓани.
И за тоа молчи заклучениот им ум и со отвора само кога најбезобразно се обидува токму тој период да ни го подметне како „најголемиот напредок на Македонија во процесите на развојот на демократијата (…)“! Она вообичаено прашање „кој е овде луд“ веројатно веќе е депласирано после сѐ што слушнавме во изминативе месеци. Дури и актуелниве четириесетина тони марихуана се детска играчка споредено со сето тоа.
Затоа, ако веќе сакаат, или мораат, некако да го прогласуваат овој свој грозоморен период, тоа никако нема да биде најнапредниот, напротив. Тој хибриден режим и неговите гласноговорници само ја реактуелизираат тезата на Арент за „баналност на злото“, за коруптивно-криминогена машинерија која ги руши сите морални стандарди и вредности, ги распродава највитални државни интереси, дури и убива од интерес, за профит. И сето тоа онака одлесно, „демократски“, нормализирано, институционализирано…, а поддржано од интелектуална банда клиенти со заклучен ум и неспособност за мислење, дури ни за дијалог со себеси и преиспитување на постапките што се одигрувале пред нивни очи. Таа баналност оперира без грижа на совест, без дилема дали нејзините ставови и постапки носат дури и смртни последици! Затоа е и толку страшна.
Згора на сѐ, упорно се дрзнуваат да говорат за некаква деградација на јавниот дискурс, за „агресивен примитивизам“, дури за „автентичен фашизам“! Мама миа, кога овие слепци би ги знаеле значењата на зборовите што упорно ги тормозат. Па деградацијата ви беше име, агресивниот примитивизам презиме, а фашизмот прекар!
Но, но, сето ова ќе биде еднакво страшно ако сите сведочења и аргументи останат само на тоа, на гол (не)слушнат збор без консеквенци по сторителите. Ако повторно, по којзнае кој пат, почнат политички пазарења со вината и одговорноста, тргувањето дури и со смртта на граѓаните! И ако заврши со познатото: а докази, имате докази?!
Златко Теодосиевски за ПЛУСИНФО
