Свет

Ирански безбедносен функционер Али Лариџани отпатува за Оман

Лариџани, поранешниот претседател на иранскиот Парламент, кој сега е секретар на Врховниот совет за национална безбедност, за време на посетата веројатно ќе го пренесе одговорот на својата земја на првата рунда индиректни разговори со Американците, одржани минатата недела во Мускат.

Ирански безбедносен функционер Али Лариџани отпатува за Оман

Високиот ирански безбедносен функционер Али Лариџани денеска отпатува за Оман, земјата која во моментов посредува во преговорите меѓу Техеран и САД за иранската нуклеарна програма, со цел да се спречи евентуален напад од САД.

Лариџани, поранешниот претседател на иранскиот Парламент, кој сега е секретар на Врховниот совет за национална безбедност, за време на посетата веројатно ќе го пренесе одговорот на својата земја на првата рунда индиректни разговори со Американците, одржани минатата недела во Мускат.

Тој во Мускат треба да се сретне со шефот на оманската дипломатија, Бадр ал-Бусаиди, кој е главниот посредник во разговорите, како и со султанот, Хајтам бин Тарик, објави државната новинска агенција ИРНА.

ИРНА ги оцени разговорите како „важни“, без дополнително да објасни каква порака ќе пренесе Лариџани. Се вели дека тој утрово долетал од Техеран во Мускат.

Иран и САД минатата  недела одржаа нова рунда преговори во Оман. Шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи, обраќајќи се пред дипломатите на самитот во Техеран во неделата, посочи дека Иран ќе стои на својот став дека мора да има право да збогатува ураниум, што е главната точка на спор со американскиот претседател Доналд Трамп, кој во јуни, за време на 12-дневната војна меѓу Иран и Израел, ги бомбардираше нуклеарните постројки на Иран. Таа војна ги прекина претходните рунди нуклеарни разговори меѓу Вашингтон и Техеран.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху неделава треба да отпатува во Вашингтон, а се очекува Иран да биде главна тема на дискусија со американскиот претседател Доналд Трамп, објави неговиот кабинет.

САД преместија носач на авиони, бродови и воени авиони на Блискиот Исток за да извршат притисок врз Иран да се согласи на договорот и да ги имаат алатките за напад доколку Трамп одлучи да го стори тоа.

Американските власти вчера издадоа ново предупредување до американските бродови во Ормутскиот теснец, тесен премин на влезот во Персискиот Залив, да „стојат што е можно подалеку од иранските територијални води, без да ја загрозат безбедноста на пловидбата“.

Теснецот, низ кој се одвива една петтина од вкупната светска трговија со нафта, се наоѓа во територијалните води на Иран и Оман. Бродовите што влегуваат во Персискиот Залив мора да поминат низ иранските води.

To top