Македонија колумна на златко теодосиевски

За насилникот и жртвата

Неразбирливата глупост на една македонска политикантска елита да потпише онаков договор за пријателство и добрососедство со Бугарија, запечатен со уште поналудничав протокол, не ги затвора историските „рани“ и не ја брише меморијата.

За насилникот и жртвата

Во некоја поблиска или подалечна иднина, актуелното однесување на Бугарија кон Македонија можеби ќе биде појасно за историјата, но денес, барем за пошироката јавност – не е.

Не е бидејќи, од една страна, бугарската пропагандна машинерија вергла дека го поддржува македонскиот евроинтегративен пат, но од друга страна истото отворено го блокира впрегнувајќи ги сите политички и други сили до тоа да не дојде, пишува Златко Теодосиевски за ПЛУСИНФО.

Зашто, однесувањето на нивниот политички врв и актуелната администрација низ навредливите и крајно безобразни тиради блиску до улични пцовки упатени кон македонскиот народ, држава и нејзината историја говорат за сосема спротивни намери.

Сето тоа, се разбира, внесува гласен сомнеж кај македонската јавност , а често и одбојност не само кон таа нивна анахрона реторика туку и кон нивните највисоки политички претставници.

Тоа пак, комбинирано со сѐ уште живите и отворени историски „рани“ од минатите векови, создаваат атмосфера на недоверба и неверување во можноста за искрен политички дијалог и релативно пристојни соседски односи.

Неразбирливата глупост на една македонска политикантска елита да потпише онаков договор за пријателство и добрососедство со Бугарија, запечатен со уште поналудничав протокол, не ги затвора историските „рани“ и не ја брише меморијата.

Напротив – само ја оживува болката, го поткрева чудењето и гневот, самозадоволно амнестира…

А беспризорното однесување на бугарските званичници кон сѐ што е македонско и на коешто континуирано сведочиме, дополнително ги иритира ионака кревките чувства и трагични сеќавања кај македонскиот народ и сомнеж во поглед на „политиките“ зад источната граница.

Зашто, да не заборавиме: ние не говориме само за историска меморија од времето на Втората светска војна, што ќе рече некои осумдесетина години порано. Исти или сосема слични се архивите и од времето на Првата светска војна, на Балканските војни, на великобугарските пропаганди низ вековите, на силеџиското присвојување на сѐ што било/е македонско…

Говорам за историјата на односот злосторник-жртва, а тоа е комплициран однос, можеби најкомплексен во животот на еден човек а особено во постоењето на цел еден народ!

Да, речиси однапред ги слушам научените наизуст „формули“ на локалниве квазилибертаријански шушумиги за пријателството помеѓу, на пример, Франција и Германија како историски модел, или кои и да се други две европски држави кои континуирано војувале низ вековите.

Ама сега, демек, се гушкаат и бацуваат. Но, прво, нема исти, па ни слични историски ситуации, второ, секој случај е различен односно специфичен, и трето, тоа може да го тврдат само оние кои не биле во тие земји и не разговарале на таа тема со луѓето!

Поточно, една претстава креира политиката односно нивните политички елити во рамките на „семејството“, а сосема друга димензија живее „на теренот“.

А кога говориме за балканскиот „терен“, не случајно Ребека Вест потенцирала дека „всушност, насилството беше сѐ што знаев за Балканот“! И во насилството по правило има две страни: насилник и жртва. Македонија секогаш била второто. Секогаш!

И тоа е тоа за што овде говориме, најчесто и меѓу редови (иако не знам зошто!?), говориме за континуитет на агресивниот, силеџискиот однос на насилникот кон жртвата, за негирање, дури прикривање на вината, за нецивилизирано повторување на злосторството како современо насилство.

Или, ако сакате, ако оној крвав терор низ вековите беше вршен од злосторници и зад себе оставаше реални жртви, ова денес е трансформирано во форма спроведувана од насилници, со жртви што допрва ќе се видат!

И што е најстрашно, целиот овој „процес“ на наше – дали несвесно? – повторно отворање на болните историски страници со источниот сосед низ епохално идиотски меѓудржавни документи, како да ги повампири и некогашните насилнички апетити на другата страна, коишто барем извесен период (во времето на размеѓето на 20от и 21от век) како да – дали само навидум?! – беа заспани.

А всушност, вампирите никогаш не спијат. Тие само чекаат погоден миг. И ние, како последни слепци, им го дадовме на подавалник! И тоа, колку и да е необјасниво, ја комплетира актуелнава драма.

Од друга страна, некој, особено учесниците во неа од македонска страна, говореа – и ќе говорат! – дека тоа бил чин на добрососедство, на пријателство, на цивилизирано однесување… Сето тоа беше/е само уште еден „булшит“ во драмата. Што е денес повеќе од очигледно.

Но, нивната „перспектива“, ако воопшто имаа некаква, беше онаа на неуки политиканти, историски лиферанти, пазарџиски калкуланти… дури и со сопствените народ и држава! Тие на коцка ставија сѐ што ниту еден нормален човек не би ставил. Затоа и вечно ќе бидат дел само од темната страна на македонската историја.

Сигурен сум дека имаа поддржувачи, не знам во колкав број, но ги имаа. Но и тие беа/се иста или слична сорта, иако целиот процес многумина се обидуваа да го претстават како неминовен, прогресивен, цивилизациски…

Ама и тоа се покажа како уште еден „булшит“, со калкулации што допрва историјата ќе ги отвори.

Меѓутоа, за да не се стекне впечаток дека се обидувам некому да му пресудувам или нивните постапки предвреме да ги туркам во амбисот на човечката глупост, ќе го спомнам Адорно и еден негов текст од не така далечната 1959 година, значи доволно години по завршувањето на грозоморната Втора светска војна во којашто наци-фашистичкиот ѓавол косеше низ Европа, а Бугарија беше една од неговите прислужнички.

Елем, Адорно поаѓа од еден, како што вели, „сомнителен шлагворт“, дека под минатото треба да се подвлече црта, дека треба „по можност да се избрише од сеќавањето“. Но тој вели дека таквиот став дека сѐ треба да се заборави и прости го „заговараат луѓето соучесници кои таа неправда и ја сториле“. Како што впрочем е и со „случајот Бугарија“!

И понатаму, вели тој, „луѓето сакаат да се ослободат од минатото: оправдано, бидејќи во неговата сенка воопшто не можат да живеат (…); неоправдано, бидејќи минатото од коешто сакаат да избегаат е уште многу живо“!

Се разбира, нашиве „прогресивни“ шутраци и Адорно би го прогласиле за конзервативен ако не се вклопува во нивните планови. Но тоа е сепак нивен проблем. Неговите размислувања остануваат валидни до денес, па и она дека нацизмот, фашизмот и сличните тоталитарни идеи и денес се живи иако, вели тој, „не знаеме дали само како духови на она што било така монструозно (…)“.

Но ние знаеме, живи се, ги чувствуваме секојдневно врз грбот!

 

Златко Теодосиевски за ПЛУСИНФО

Најнови вести од Македонија

To top