По првичните реакции од јавноста и невладиниот сектор во врска со Предлог-законот за висока раководна служба, министерот за јавна администрација, Горан Минчев, во Дневникот на Сител телевизија, појасни дека станува збор за суштинска и долгоочекувана реформска мерка која воведува јасни правила, професионализам и одговорност во јавниот сектор.
„Овој закон е на реформската агенда на државата повеќе од седум години. За првпат се нуди јасно и применливо решение кое ги опфаќа раководните и извршните функции во околу 100 институции и воспоставува транспарентни критериуми и постапки за избор“, истакна Минчев.
Тој појасни дека Предлог-законот е изработен од интерресорска работна група, предводена од Министерството за јавна администрација, со учество на Генералниот секретаријат, Кабинетот на претседателот на Владата и Министерството за финансии.
-Законот се однесува исклучиво на директорите, заменик-директорите, членовите на управните одбори и државните секретари, кои се двигатели на институционалната стабилност и континуитетот во работата на институциите. Клучните новини се содржани во три пункта: воведување мерит-систем со постапка и јасни критериуми за избор, рационализација на управните одбори и строга регулација на В.Д. функциите, изјави министерот.
Минчев посочи дека бројот на членови во управните одбори ќе биде ограничен на максимум три, со што се прават значителни заштеди во државниот буџет и се прекинува досегашната пракса на нефункционални и преобемни управни тела.
-Со овој закон се става крај и на злоупотребата на В.Д. функциите, кои со години се користеа како механизам за заобиколување на системските решенија. Наместо привремени и политички решенија, воведуваме јасна, законска и професионална постапка, посочи тој.
Минчев нагласи дека целта на законот е создавање професионална, департизирана и ефикасна јавна администрација, во која напредувањето ќе се темели исклучиво на знаење, искуство и резултати.