Двајца полицајци, една професорка во средно школо и еден пожарникар заработија кривични пријави зашто за пари овозможувале граѓани побрзо да извадат пасош, лична карта и возачка дозвола. Тие ќе се гонат за злоупотреба на службена положба, примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание.
Кривична пријава е поднесена против полицаецот М.С., поради сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 став 1 од Кривичниот законик (КЗ) и кривично дело „примање поткуп“ по член 357 став 2 во врска со член 22 и член 45 од КЗ.
Полицаецот П.П., на работно место во Единицата за интервентна полиција во СВР Скопје, е осомничен за „примање награда за противзаконито влијание“ по член 359 став 7, во врска со став 2, во врска со член 22 од КЗ и кривично дело „примање поткуп“ по член 357 став 2 од Кривичниот законик, во врска со член 24 од Кривичниот законик.
Наставничката во скопско средно училиште В.Р. е осомничена за „примање награда за противзаконито влијание“ по член 359 став 7, во врска со став 2, во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Пожарникарот А.С., вработен во Град Скопје, е осомничен за „примање награда за противзаконито влијание“ по член 359 став 7, во врска со став 2, во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Пријавените во периодот од февруари до април 2024 година, заеднички, по претходен договор воспоставиле шема, на начин што организирале и спроведувале постапки за издавање лични документи (лична карта, пасош и возачка дозвола). Целта им била да се стекнат со противправна имотна корист.
Трето и четврто пријавените наоѓале заинтересирани граѓани кои имале потреба од изготвување лични документи. Тие ги добивале нивните лични податоци во форма на фотографии и му ги испраќале на второпријавениот П.П.. Тој посредувал и интервенирал заинтересираните граѓани да ја започнат процедурата за издавање лични документи, на начин што го поттикнувал првопријавениот М.С., кој како службено лице вршел фотографирање и прием на барања, како негови редовни работни обврски. Наведените дејствија биле вршени врз претходен договор за одреден паричен надомест со точно утврдена цена, време и начин на извршување со јасно распределени улоги, создавајќи паралелен неформален начин на постапување со кој за паричен надомест овозможувале побрзо остварување на правото за јавна услуга, со намера да се стекнат со противправна имотна корист, нарушувајќи го принципот на еднаков пристап на граѓаните до јавните услуги, соопшти МВР.