Свет Истражување

Научници открија бактерии во бубрежни камења

Научниците за првпат пронајдоа цврсти докази дека бубрежните камења содржат бактерии, иако досега се веруваше дека станува збор за незаразна појава. Овие зацврстени кристални наслаги, составени од хемикалии присутни во урината, најчесто се поврзуваат со недоволен внес на течности или со висока концентрација на минерали. Сепак, новото истражување покажува дека причините за нивното настанување може да бидат посложени, објави Сајенс Алерт (ScienceAlert).

Според научен труд спроведен од истражувачи од Универзитетот во Калифорнија – Лос Анџелес (UCLA), откриено е дека бубрежните камења кои содржат калциум оксалат, во најголем дел од случаите се проткаени со бактерии. Дополнително, утврдено е дека овие камења содржат јасно изразени слоеви бактерии како дел од нивната внатрешна структура.

-Ова откритие ја доведува во прашање долгогодишната претпоставка дека бубрежните камења настануваат исклучиво како резултат на хемиски и физички процеси“, изјави урологот Кимора Скотланд од калифорнискиот универзитет (UCLA). Нашите резултати покажуваат дека бактериите можат да опстојуваат внатре во камењата и активно да придонесуваат за нивното формирање. Според неа, ваквото откритие отвора нови можности за лекување.

-Идентификацијата на овој нов механизам отвора врата за развој на терапевтски стратегии насочени кон микробната средина во бубрежните камења, додаде Скотланд.

Анализите од истражувањето укажуваат дека во одредени случаи на често и повторливо појавување на бубрежните камења, причината може да биде постоечка бактериска инфекција во бубрегот, уретерот или мочниот меур. Доколку таквата инфекција се дијагностицира и успешно се лекува, тоа би можело значително да ја намали веројатноста за појава на нови камења во иднина.

Истражувачите користеле електронска и флуоресцентна микроскопија за да пронајдат структурни и хемиски докази за присуство на бактерии во камења кои содржат калциум оксалат, земени од пациенти. Вакви докази биле откриени и кај лица кои немале дијагностицирана инфекција на уринарниот тракт, што дополнително ја нагласува сложеноста на проблемот.

Според проценките, еден од 11 лица во текот на животот ќе се соочи со бубрежни камења, при што повеќе од 70 проценти од случаите се однесуваат токму на камењата кои содржат калциум оксалат. Доколку понатамошните истражувања потврдат дека бактериите играат значајна улога во нивното настанување, можно е да биде неопходно обновување на постојните медицински насоки и пристапи за третманот на оваа состојба.

Студијата е објавена во научното списание ПНАС (PNAS).

Теми на денот

To top