Турција работи напорно за да спречи тензиите меѓу Соединетите Американски Држави и Иран да прераснат во нов конфликт на Блискиот Исток, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Во разговор со новинарите во авионот на враќање од посетата на Египет, Ердоган рече дека разговорите на ниво на американското и иранското раководство би биле корисни по разговорите на пониско ниво за нуклеарната програма, кои треба да се одржат утре во Оман, соопшти неговиот кабинет.
Турција прави сè што е во нејзина моќ за да спречи ескалација, рече Ердоган, кој со години негува блиски врски со американскиот претседател Доналд Трамп, додека го проширува дипломатското влијание на Анкара низ Блискиот Исток и пошироко, наведуваат светските агенции.
Иран и САД и натаму се во спор поради инсистирањето на Вашингтон преговорите да го опфатат и ракетниот арсенал на Иран, додека Техеран вели дека е подготвен да разговара само за неговата нуклеарна програма, што доведе до меѓусебни закани за воздушни напади.