Централната пристанишна управа на Хиос, која ја спроведува прелиминарната истрага за несреќата со мигрантите, синоќа уапси 31-годишен странски државјанин (марокански државјанин), еден од спасените, кој беше идентификуван како криумчар од останатите лица, информираа од крајбрежната служба на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Уапсениот, кој е меѓу повредените, се товари за прекршување на членови од неколку закони што се однесуваат на „Олеснување на нелегална миграција“; „Нелегален влез на грчка територија“ „Предизвикување бродолом“ и „Непостапување според законска наредба на овластено лице“.
Во несреќата што се случи во вторникот вечерта при судар на гумен глисер на кој се пренесувале околу 40 мигранти со патролен чамец на крајбрежната служба на Грција, загинаа 15 лица и 26 беа повредени.
Од крајбрежната служба на Грција утрово соопштија дека потрагата за пронаоѓање на исчезнати лица продолжи со учество на пет патролни чамци, три патролни возила од копно, и хеликоптер со досега негативни резултати.
Временските услови на Хиос со силен дожд и ветер, според локалните медиуми од островот, претпладнево не помагаат во операцијата за спасување и потрага.
За несреќата, како што вчера објави МИА, министерот за поморство на Грција Василис Кикиљас нареди спроведување внатрешна дисциплинска истрага за да се истражи евентуална одговорност на службените лица.
Во однос на натписите во медиумите дека чамецот на крајбрежната служба располагал со камера, меѓутоа не била вклучена, извори од крајбрежната служба вчера брифираа дека патролниот чамец е опремен со термичка камера која се користи како помошна алатка во комбинација со радарот за откривање и препознавање на цели во морето, а во конкретниот случај, според изјавата на капетанот, не била искористена бидејќи не била неопходна со оглед на тоа што глисерот со мигранти веќе бил детектиран од копнена набљудувачка камера, а и визуелно со употреба на рефлектор.
Во несреќата во морскиот дел кај островот Хиос, животот го загубија 11 мажи и четири жени, повредени се 24 мигранти, од кои 11 деца, седум се мажи, шест жени, меѓу кои две биле бремени и ги загубиле бебињата, како и двајца припадници на крајбрежната служба.