Белгискиот министер за безбедност и внатрешни работи Бернар Квинтан одново ја лансира идејата за распоредување на војници низ улиците на Брисел како мерка за справување со криминалот во градот.
– Распоредувањето војска во Брисел би испратило важна политичка порака до населението дека државата е подготвена да ги искористи сите свои овластувања за безбедноста на нашите граѓани, изјави Квинтан за белгискиот весник „Тајд“.
Ваквата идеја Квинтан првично ја промовираше минатата година, но таа не наиде на поддршка во Парламентот.
Најавувајќи го овој план лани во септември Квинтан изјави дека патролирањето на војниците по улиците на Брисел би имало „шок ефект“.
– Полициските униформи повеќе не заплашуваат. Но, кога војниците ќе бидат распоредени заедно со полицијата ќе предизвикаат „шок ефект“. Овие мешани тимови од полицајци и војници би патролирале низ криминалните жаришта во Брисел, изјави тогаш Квинтан за „Брисел Тајмс“.
Според идејата на Квинтан, распоредувањето на војници во Брисел требаше да биде пилот-проект и ако се покажеше како успешен би можел да се примени и во други градови.
– Сосема е можно. Ќе почнеме во Брисел, бидејќи таму е најголема потребата, но ќе видиме дали е потребно и во други градови. Антверпен, исто така, е погоден од криминал поврзан со дрога, исто како и други градови, нагласи лани Квинтан.
Против идејата на Квинтан се изјасни и бриселскиот градоначалник Филип Клоз, кој оцени дека војниците нема да бидат корисни доколу патролираат по улиците низ населбите на Брисел.
Брисел бележи ескалација на насилството и криминални пресметки поврзани со шверцот со дрога. Само во првите девет месеци од 2025 година беа регистрирани околу 60 криминални престрелки, од кои околу една третина се случија во текот на летото, при што беа убиени две лица.
Според податоците на бриселското Јавно обвинителство од околу 7.000 осомничени изведени пред суд во Брисел лани, околу 1.250 биле приведени под обвинение дека се дилери на дрога.
Паралелно со возобновувањето на идејата за патроли на војници низ улиците на Брисел, Квинтан сега предлага и редуцирање на бројот на полициски управи во Белгија од сегашните 176 на околу 60.
– Сакам да ја реформирам безбедносната архитектура низ целата земја, изјави Квинтан, додавајќи дека спојувањата на полициските управи ќе бидат доброволни насекаде низ Белгија, освен во Брисел.