Свет „обид за одвлекување на вниманието од сопствените акции“

Германија ги отфрла руските тврдења дека ја поддржува Украина поради реваншизам

Зборувајќи за време на средбата со министерот за надворешни работи на Нов Зеланд, Винстон Питерс, Вадефул истакна дека Русија се обидува да го пренасочи вниманието од своето сегашно однесување. Тој додаде дека Германија нема проблеми да се соочи со сопственото минато и ја признава улогата на Советскиот Сојуз во поразот на нацистичкото владеење во Втората светска војна.

Германија ги отфрла руските тврдења дека ја поддржува Украина поради реваншизам

Германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул синоќа ги отфрли обвинувањата од Москва дека поддршката на Берлин за Украина е водена од реваншизам, нарекувајќи ги таквите тврдења обид за одвлекување на вниманието од сопствените акции на Русија.

Русија претходно изјави дека германската надворешна политика кон Украина е обликувана од „фантазии за одмазда“, обвинувајќи го Берлин дека е опседнат со расчистување на историските сметки. Во соопштението издадено по годишната прес-конференција на Сергеј Лавров, руското Министерство за надворешни работи наведува дека безусловната поддршка на Германија за Украина е дел од реваншистичка агенда.

Зборувајќи за време на средбата со министерот за надворешни работи на Нов Зеланд, Винстон Питерс, Вадефул истакна дека Русија се обидува да го пренасочи вниманието од своето сегашно однесување. Тој додаде дека Германија нема проблеми да се соочи со сопственото минато и ја признава улогата на Советскиот Сојуз во поразот на нацистичкото владеење во Втората светска војна.

Вадефул нагласи дека Германија признава дека жртвите на нацистичката агресија вклучуваат луѓе од Украина, како и од други нации на поранешниот Советски Сојуз, додавајќи дека оваа историска реалност не се оспорува во Германија. Истовремено, тој порача дека Берлин нема да прифати обиди за замолчување на критиките кон денешните постапки на Русија, пренесе ДПА.

Руското Министерство за надворешни работи, исто така, го критикуваше фактот што 80 години по крајот на Втората светска војна, германското оружје повторно масовно се користи за гаѓање на руска територија.

Во руското соопштение се посочува дека германските вооружени сили веќе се стационирани во Литванија. Доколку Берлин го проба истото во Украина, војниците би биле третирани како „легитимни цели“, алудирајќи на дискусијата за учество на Германија во меѓународни безбедносни сили по завршувањето на војната во Украина.

Вадефул изјави дека секое евентуално распоредување на германски трупи за помош во обезбедувањето на иден мировен договор би зависело од тоа дали Русија ќе создаде услови за стабилен безбедносен поредок. Тој додаде дека потенцијален договор би вклучувал одредби за тоа дали странски сили можат да бидат стационирани на украинска територија и во каква форма.

За да престанат непријателствата, Москва бара Украина не само да се откаже од приклучувањето кон НАТО, туку и да направи значителни територијални отстапки. (МИА)

To top