Полни 20 години откако „Ѓаволот носи Прада“ ги освои киносалите, Мерил Стрип и Ен Хатавеј се враќаат во суровиот свет на високата мода и канцелариските интриги.
Студиото „Твениет сенчри“ (20th Century Studios) објави нов трејлер за „Ѓаволот носи Прада 2“, нудејќи поподробен увид во долгоочекуваниот втор дел, чијашто премиера е закажана за 1 мај. Продолжението ја следи Миранда Пристли (Стрип), главната уредничка на списанието „Ранвеј“ (Runway), додека со падот на печатените медиуми се обидува да го најде своето место во таа индустрија. Моќната уредничка доаѓа во судир со Емили (ја глуми Емили Блант), нејзината поранешна асистентка која оттогаш станала моќна извршна директорка на луксузна група, чии пари за рекламирање очајно ѝ се потребни на Пристли, пишува „Варајети“ (Variety).
Освен Стрип, Хатавеј и Блант, уште и Стенли Тучи, Трејси Томас и Тибор Фелдман ќе ги продолжат своите улоги. Нови членови на актерската екипа се Кенет Брана и Патрик Брамал, кои ќе ги глумат партнерите на Мерил Стрип и Ен Хатавеј. Натаму, Симон Ешли, Луси Лиу, Б.Џ. Новак, Џастин Теру, Лејди Гага и Полин Шаламе, исто така, ѝ се приклучуваат на екипата. Во филмот глумат и бродвејските ѕвезди Хелен Џеј Шејн и Конрад Рикамара, како и комичарот Кејлеб Хирн. Адријан Грение, кој го толкуваше момчето на Андреја, Нејт, нема да се врати за продолжението.
И режисерот на филмот од 2006 година, Дејвид Френкел, и сценаристката Алин Брош Мекена се враќаат за продолжението, како и продуцентката Венди Фајнерман. Мајкл Бедерман, Карен Розенфелт и Мекена се извршни продуценти. Филмот треба да се прикажува во кино од 1 мај оваа 2026 година.