Свет избори

Костарика избира нов претседател и нов парламент

Жителите на Костарика денеска гласаат на претседателски избори избирајќи меѓу продолжување на сегашната политика преку изборот на наследничката на досегашниот шеф на државата, конзервативниот популист Родриго Чавес, или давање нова шанса на партиите кои сакаат да се ослободат од имиџот на „самоуслужен естаблишмент“.

Порастот на криминалот во оваа историски мирна централноамериканска земја во последните години би можел да биде одлучувачки фактор за многу гласачи. Некои го обвинуваат Чавес дека не успеал да го намали криминалот, додека други неговиот конфронтирачки стил го гледаат како најдобра шанса да се спречи насилството.

Дваесет кандидати се борат за претседателската функција, но Лаура Фернандес е единствената која константно постигнуваше двоцифрен број гласови во анкетите. Таа е кандидатка на Партијата на суверениот народ (ППСО), беше министерка за национално планирање и економска политика кај Чавес, а неодамна и министерка во Претседателството, и ветува дека ќе ја продолжи неговата политичка програма.

Гласањето ќе покаже дали нејзината убедлива предност во анкетите ќе ѝ донесе победа со 40 отсто или повеќе гласови веќе во првиот круг, или пак ќе мора да оди во втор круг на 5 април. Далеку зад неа се пет кандидати, вклучувајќи го економистот Алваро Рамос од Националната ослободителна партија и поранешната прва дама Клаудија Доблес, кандидатка на Коалицијата на граѓанската агенда.

Костариканците избираат и ново Собрание со 57 места. Се очекува партијата на Чавес да оствари добри резултати, но можеби нема да постигне апсолутно мнозинство. Право на глас имаат околу 3,7 милиони граѓани, а избирачките места се затвораат во 18:00 часот по локално време.

To top