Трендафилов призна дека СДС и Левица стојат позади протестите на ССМ. Во гостување на една од македонските телевизии, на Слободан Трендафилов му се промакна изјава којашто по се изгледа не требаше да ја каже во јавноста, дека како што вели тој – сите се здружиле токму против оваа влада, истакна на денешната прес-конференција Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
-Оваа изјава која му излета на Слободан Трендафилов, докажа дека зад протестите на ССМ стојат СДС и Левица. Во минатото, ваква изјава Слободан Трендафилов никогаш нема дадено. Трендафилов ќе направи се што може по насока на СДС и на Левица за работниците да не добијат покачување на платите. Но, нека му служи на чест. Покачувањето во јавната администрација од 40% не е понуда која е од вчера, туку од минатата година. Но, Трендафилов затоа што шурува со СДС и Левица, не прифаќа нов колективен договор со којшто минималното зголемување ќе биде, повторувам минималното зголемување во април оваа година ќе биде 3580 денари, додека пак просечното зголемување ќе биде над 6000 денари или како што вели ССМ над 100 евра, вели Манасиевски.
Тој посочи дека тоа што СДС, како што рече, ја покраде државата и остави прашина во државната каса, на Слободан Трендафилов и на ССМ не им пречеше, не се жалеа и не бараа повисоки плати.
-Затоа и велиме дека кога ја наследивме власта ние не почнавме од нула, туку од голем минус. ВМРО-ДПМНЕ не ветуваше чуда, туку работа и дела. Како што ги зголемивме платите во образованието, во здравството, во полицијата, во Министерството за одбрана, во социјалата и други, така ќе ги зголемиме платите и во администрацијата. Дополнително на ова, ќе помагаме и на бизнисот за да може и тој да ги зголеми платите во приватниот сектор. Никој не вели дека е лесно и дека цветаат рози, никој не вели дека тече мед и млеко по улиците, ниту пак дека гледаме низ розеви наочари. Но, вистината мора да се знае. ВМРО-ДПМНЕ ќе направи се во рамките на своите можности за да го подигне стандардот на граѓаните, нагласи Манасиевски.