По првиот настап во сала оваа сезона на 20 јануари во Архус, каде што го освои второто место со скок од 7.38 м Андреас Трајковски настапи на атлетски митинг во Горзов (Полска) и блесна со уште еден одличен резултат од 7.82 метри, кој беше вреден 1098 бода според таблицата на Светска атлетика.
Со овој скок Андреас го освои третото место на митингот, кој е со сребрена етикета од континенталните митинзи под покровителство на Европска атлетика, и уште еднаш покажа дека се наоѓа во одлична форма на самиот почеток на сезоната.
Овој резултат ќе придонесе Андреас да се искачи високо на Европската ранг листа која ќе се ажурира во понеделник.
Првото место му припадна на Лука Херден (Германија) со 8.18 метри, додека втор беше Лестер Лескеј (Шпанија) со 8.03 метри.