Словенечкиот спорт остана без едно свое големо име откако на 59-годишна возраст почина поранешната алпска скијачка Наташа Бокал, име кое остави длабока трага во историјата на словенечкото скијање.
Најголемиот успех во својата кариера Бокал го оствари на Светското првенство во 1991 година, кога во дисциплината слалом го освои сребрениот медал и се вброи меѓу најдобрите скијачки во светот во тој период.
Нејзиниот спортски пат беше исполнет со бројни предизвици и тешки моменти, бидејќи честите повреди сериозно ѝ ја отежнаа кариерата.
Поради тоа, Бокал мораше да помине низ дури 14 операции, но и покрај сè, никогаш не се откажа од борбата.
Во последните години од животот водеше и тешка битка со ракот. Пред околу седум години успеа да ја победи болеста, но подоцна таа повторно се врати, овојпат со потежок тек.
Во текот на активната кариера трипати се искачи на подиумот во рамки на ФИС Светскиот куп.
Забележа победа во слалом, второ место во велеслалом во Крањска Гора, како и уште едно второ место во велеслалом во 1999 година, со што го зацврсти својот статус како една од најуспешните словенечки скијачки на сите времиња.