Свет изјава

Стармер во Шангај во потрага по бизнис можности по договорот со Пекинг за намалување на царините за виски

Британскиот премиер Кир Стармер денеска пристигна во кинескиот финансиски центар Шангај, во рамки на неговата официјална посета на земјата, чија цел е отворање нови деловни можности за британските компании во втората по големина светска економија.

Стармер е придружуван од делегација од над 50 бизнис лидери, што претставува прва посета на британски премиер на Кина по осум години. Посетата доаѓа во време на знаци за затоплување на односите меѓу Лондон и Пекинг, по повеќегодишни тензии.

Како конкретен резултат на оваа соработка, Кина најави дека ќе ги намали царините за увоз на виски од десет на пет отсто, почнувајќи од 2 февруари. Според Кабинетот на британскиот премиер, овој договор на извозниците од Велика Британија ќе им донесе околу 250 милиони фунти (344 милиони долари) во следните пет години.

Прашањето за царините за шкотското виски беше една од клучните теми на вчерашниот состанок во Пекинг помеѓу Стармер и кинескиот претседател Шји Џинпинг. Двајцата лидери ветија дека ќе работат на долгорочно стратешко партнерство и поголема соработка во трговијата, инвестициите и технологијата.

Кина е клучен пазар за британската индустрија на алкохолни пијалаци. Во 2025 година, Кина увезла виски во вредност од 445,5 милиони долари, од кои дури 84 отсто потекнуваат од Велика Британија.

Сепак, британските напори за зближување со Пекинг се одвиваат под сенка на Вашингтон. Само неколку часа пред пристигнувањето на Стармер во Шангај, американскиот претседател Доналд Трамп навести дека е можно да се спротивстави на какви било значајни договори меѓу Пекинг и Лондон.

Набљудувачите посочуваат дека Стармер е дел од низата странски лидери кои го посетуваат Пекинг во обид да ги прошират своите извозни пазари и да ги заштитат националните економии од влијанието на трговските тарифи наметнати од администрацијата на Трамп.

To top