Астрономите открија нова планета со големина на Земјата, на околу 146 светлосни години оддалеченост, за којашто науката проценува дека има 50 отсто шанси да се наоѓа во погодната за живеење зона на својата ѕвезда, велат истражувачите. Планетата, наречена „ХД 137010 б“ (HD 137010 b), орбитира околу ѕвезда слична на Сонцето и се проценува дека е околу шест насто поголема од Земјата, објави „Гардијан“.
Истражувањето, првично објавено во американскиот „Астрофизички журнал“ (Astrophysical Journal Letters) ги наведува и другите сличности. Новооткриената планета е слична на Земјата и по тоа што годината трае 355 дена, т.е. телото прави еден круг околу својата ѕвезда за 10 дена помалку од нашата планета. Но, нејзината матична ѕвезда е поладна и потемна од Сонцето.
Тоа значи дека температурата на површината на планетата може да биде дури минус 70 Целзиусови степени.
Меѓународен тим научници од Австралија, Велика Британија, САД и Данска ја идентификуваа планетата користејќи податоци од 2017 година собрани од вселенскиот телескоп „Кеплер“ на НАСА. Сигналот е снимен кога планетата накратко поминала пред својата ѕвезда, предизвикувајќи слабо затемнување. Според истражувачите, сигналот првично бил забележан од граѓани научници како дел од проектот „Ловци на планети“. Научниците истакнуваат дека ги провериле податоците повеќепати и дека откривањето се совпаѓа со типично планетарно движење.
Астрофизичари кои не биле вклучени во истражувањето велат дека откритието е значајно, но предупредуваат дека се потребни повеќе набљудувања на транзитот за да се потврди. Тие исто така велат дека планетата, иако слична по големина на Земјата, би можела да биде и голем „леден свет“ со голем дел од нејзината вода во замрзната состојба.