Европската Унија сè почесто личи на лоша, недовршена копија на Југославија – но со една клучна и фатална разлика. Југославија, колку и да беше сложена, контрадикторна и полна со внатрешни тензии, имаше центар на одлучување. Имаше лидер. Имаше некој што во критичен момент можеше да удри со тупаница на масата и да каже: „Вака ќе биде.“
Европската Унија го нема тоа.
И токму тука е нејзината фабричка грешка, пишува Горан Анастасовски за НОВА МАКЕДОНИЈА.
ЕУ е конструирана како најдемократскиот политички проект во модерната историја. Но, проблемот е што таа демократија се претвори во сопствена кочница. Во Унијата сите одлучуваат – а никој не одлучува. Сите имаат право на вето, на забелешка, на „резерва“, на сопствен национален интерес – но никој нема конечна одговорност за целината.
Во мирни времиња, ваквиот модел функционираше. Или барем изгледаше дека функционира. Светот беше релативно стабилен, кризите беа локализирани, а глобалниот поредок беше предвидлив. Во таков амбиент, бавноста можеше да се камуфлира како „промисленост“, а бирократијата како „вредносен систем“.
Но денес живееме во време на геополитички шокови, војни, енергетски кризи, економски турбуленции и технолошки пресврти. Во ваков свет, брзината е моќ, одлучноста е сила. А ЕУ ги нема ни едното, ни другото.
Европската Унија реагира бавно, доцни со одлуките и често носи компромисни, половични решенија, кои никого не задоволуваат целосно. Додека другите глобални актери носат јасни и брзи стратешки потези, ЕУ сè уште расправа, формира работни групи, чека согласност од сите членки и се губи во сопствената процедура.
Во меѓувреме, светот не чека.
Големите сили не функционираат по принципот „сите да се согласат“. Тие функционираат по принципот „некој да одлучи“. Тоа не значи дека се праведни, туку дека се ефикасни. А во реалната политика, ефикасноста секогаш победува над идеализмот.
Другиот клучен проблем е судирот на националните интереси внатре во Унијата. Секоја земја членка сака да биде главна. Секоја ја гледа Унијата низ призма на сопствената корист. Кога одлуките одговараат – ЕУ е „заеднички дом“. Кога не одговараат – ЕУ е „проблем“.
Ова не е унија на визија, туку унија на калкулација.
За разлика од тоа, секоја стабилна држава или унија во историјата имала јасна вертикала на моќ. Без разлика дали тоа ни се допаѓа или не, системите без центар не преживуваат долгорочно. Тие се распаѓаат под тежината на сопствените противречности.
Југославија не се распадна затоа што имаше лидер, туку затоа што по неговото заминување остана без еден. Центарот исчезна, а републиките почнаа да влечат секоја на своја страна. Европската Унија, пак, никогаш и не воспостави вистински центар. Таа сака да биде држава без да биде држава. Сака да биде сила без да има командант. Сака да биде глобален играч без да преземе глобална одговорност. Тоа не е стратегија – тоа е илузија.
Затоа тврдам дека Европската Унија не се движи кон реформа, туку кон распад. Не драматичен, не прекуноќ, туку постепен. Со секоја нова криза, со секое ново несогласување, со секоја одложена одлука, државите сè повеќе ќе се враќаат кон сопствените национални политики.
Секој ќе почне сам да си ја крои судбината.
И тоа нема да биде крај на Европа, туку крај на илузијата дека сложените времиња можат да се преживеат со бесконечни дебати и бирократски процедури.
Во свет каде што одлуките се носат за часови, не за години, унијата што не може да одлучи – исчезнува. Не затоа што не сакала да биде обединета, туку затоа што заборавила дека заедништвото без лидерство е само празна форма.
Горан Анастасовски за НОВА МАКЕДОНИЈА
