Регион последица на сопствените погрешни политики

Европа ја плаќа цената на сопствената ароганција

Унијата со децении настапуваше од позиција на морална и политичка надмоќ, убедена дека нејзиниот модел е не само најуспешен туку и единствено исправен. Во таа самоувереност, Европа почна да ги губи допирните точки со реалноста, особено со оние држави што ги сметаше за „периферија“. Македонија е можеби најочигледниот и најболен пример за тоа

Европа ја плаќа цената на сопствената ароганција

Денес, кога Европската Унија се соочува со сериозни геополитички, економски и вредносни потреси, сè почесто се поставува прашањето дали ова што ѝ се случува е резултат на надворешни притисоци или, пак, последица на сопствените погрешни политики. Одговорот, колку и да е непријатен за Брисел, сè повеќе се наметнува сам по себе – Европа во голема мера сама си го подготви теренот за сегашната криза, пишува Игор Манојловски за НОВА МАКЕДОНИЈА.

Унијата со децении настапуваше од позиција на морална и политичка надмоќ, убедена дека нејзиниот модел е не само најуспешен туку и единствено исправен. Во таа самоувереност, Европа почна да ги губи допирните точки со реалноста, особено со оние држави што ги сметаше за „периферија“. Македонија е можеби најочигледниот и најболен пример за тоа.
Земјава со години беше третирана како политичка лабораторија – како експеримент во кој правилата се менуваат среде игра, ветувањата се релативизираат, а принципите се заменуваат со дневни политички калкулации. Наместо јасни критериуми и еднаков третман, Македонија доби бесконечни условувања, историски ревизии и понижувачки компромиси. Европа, која се колнеше во правото и вредностите, дозволи билатерални спорови да станат алатка за блокада, со што ја поткопа сопствената кредибилност.

Но Македонија не е изолиран случај. Двојните критериуми станаа заштитен знак на европската политика. Во некои ситуации се инсистира на строга примена на правилата, додека во други тие правила лесно се суспендираат ако тоа им одговара на поголемите или повлијателните членки. Таквиот пристап неминовно создаде чувство на лицемерство – и внатре во Унијата и надвор од неа. Европа почна да зборува за демократија, но сè почесто дејствуваше селективно; за владеење на правото, но со исклучоци; за солидарност, но со јасна хиерархија.

На ова се надоврза и чувството на геополитичка семоќ. Долго време ЕУ веруваше дека нејзината економска тежина и „мека моќ“ се доволни за да ја одржат како глобален фактор. Во меѓувреме, светот се промени. Се појавија нови центри на моќ, конфликтите се заострија, а Европа остана заробена во сопствената бирократска самодоволност, неподготвена да реагира брзо и решително.

Дополнителен товар стана и претераниот неолиберален пристап, кој често се спроведуваше без чувство за социјалните и културните специфики на општествата. Под знамето на „вредности“, Унијата почна агресивно да наметнува идеолошки концепти – од сфаќањето на поимот за семејство, преку образовните политики, до мешањето во внатрешните работи на суверени држави. Наместо дијалог и почит, Европа често избираше наметнување и условување.

Резултатот е видлив: растечки евроскептицизам, бунт кај граѓаните, јакнење на политички сили што директно го оспоруваат европскиот проект. Луѓето, едноставно, се заситија од надмениот тон и од чувството дека некој од далеку знае подобро од нив како треба да живеат, мислат и воспитуваат.

Затоа, денешната криза на Европската Унија не треба да се гледа како несреќна случајност или исклучиво како последица на надворешни фактори. Таа е логичен исход на години ароганција, лицемерство и отуѓување од сопствените граѓани и од оние што искрено веруваа во европската идеја. Ако Европа сака да опстане како релевантен и почитуван фактор, ќе мора да се врати кон основите – еднаквост, почит, реална солидарност и вистински дијалог. Во спротивно, вртењето на тркалото што денес го гледаме ќе продолжи со уште поголема сила.

 

Игор Манојловски за НОВА МАКЕДОНИЈА

Најнови вести од Регион

To top