Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта денеска ќе го посети Виетнам по повод 35-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу ЕУ и оваа држава од Југоисточна Азија.
Како што соопшти Европскиот совет, посетата се одржува во контекст на напорите за подигање на односите меѓу ЕУ и Виетнам на ниво на сеопфатно стратешко партнерство.
Предвидено е Кошта во Ханој да се сретне со виетнамскиот претседател Луонг Куонг, со премиерот Фам Мин Чин, со претседателот на Националното собрание, Тран Тан Ман, како и со генералниот секретар на Комунистичката партија на Виетнам, То Лам.
Покрај ова, Кошта ќе ја посети и локацијата на која се гради линијата број 3 на ханојското метро, проект кофинансиран од Европската инвестициска банка (ЕИБ).
Во пресрет на посетата, Кошта порача дека Европската Унија е посветена на зајакнување и продлабочување на своите врски со Виетнам, врз основа на споделени вредности и заеднички цели.
– Веќе 35 години, нашето партнерство расте и во обем и во амбиција. Чест ми е да патувам во Виетнам за да го одбележам подигнувањето на нашите односи во ниво на сеопфатно стратешко партнерство, изјави Кошта.