Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, денеска на пригоден начин го одбележа 27 јануари – Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на Холокаустот.
На овој настан, заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, имаше поздравно обраќање при што оддаде почит кон жртвите и денешните наследници на македонските Евреи кои во 1943 година биле присилно депортирани. Тој нагласи дека, како полноправна земја членка на ИХРА, македонската Влада останува цврсто посветена на борбата против антисемитизмот, искривувањето на историските факти и негирањето на Холокаустот. Изрази надеж дека преку доследна едукација на младите генерации за Холокаустот ќе можеме како цивилизација да спречиме антисемитски акти во сите нивни форми.

Во рамки на настанот, обраќања имаа амбасадорката на Државата Израел, Вивиан Аисен, како и претседателот на македонската Еврејска заедница, Пепо Леви. Одбележувањето беше проследено со сведоштво за единствената преживеана Еврејка од Штип, Шела Алтараз. Ученици од Основното училиште „Димитар Влахов“ од Штип, изведоа краток сценски перформанс со наслов „Писмо од Треблинка“. Во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија беше отворена и изложба посветена на жртвите на Холокаустот, прикажана низ детска перспектива.
Нашата држава е полноправна членка на Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот (IHRA). Во Скопје се наоѓа Меморијалниот центар на Холокаустот на македонските Евреи, како еде од ретките вакви центри во светот. Евреите од тогашна Македонија, во ноќите на 11 март 1943 година, биле присилно собрани и депортирани во логорот Треблинка, во окупирана Полска, од каде што никогаш не се вратиле во своите домови во Штип, Битола и Скопје. Станува збор за 7.144 жртви. Активностите на државата се насочени кон почитување на историските факти и зачувување на колективното сеќавање на Холокаустот, со јасна и трајна порака: никогаш повеќе.