Meta, TikTok и YouTube пред суд: Обвинувања дека создаваат зависност и ја влошуваат менталната состојба на младите
Технолошките гиганти Meta, TikTok и YouTube оваа недела ќе се соочат со судска постапка во САД поради обвинувања дека нивните платформи придонесуваат за сериозна криза на менталното здравје кај децата и младите. Случајот се смета за преседан што може суштински да ја промени правната одговорност на социјалните мрежи.
Судењето пред Вишиот суд на Калифорнија во округот Лос Анџелес е тест-случај за илјадници слични тужби кои бараат отштета за штетните последици од користењето социјални мрежи. Правните експерти предупредуваат дека евентуална пресуда против компаниите може да ја поткопа долгогодишната правна заштита што ги штити технолошките платформи од вакви тужби, пренесува Reuters.
Тужбата што може да го смени системот
Тужителка е 19-годишна девојка од Калифорнија, идентификувана со иницијалите K.G.M., која тврди дека уште во раната младост развила зависност од Instagram, TikTok и YouTube поради нивниот дизајн насочен кон задржување на вниманието. Според судските поднесоци, таа наведува дека апликациите придонеле за нејзина депресија и појава на самоубиствени мисли.
Ова е прва тужба од серијата случаи што се очекува да дојдат пред суд во текот на годинава, а кои се фокусираат на она што обвинителите го нарекуваат „зависност од социјални мрежи“ кај децата.
„Ова е првпат технолошките гиганти директно да се бранат на суд од обвинувања дека нивните производи предизвикале штета“, изјави адвокатот на тужителката, Метју Бергман.
Клучен елемент: федералниот закон за имунитет
Еден од најважните аспекти на случајот е федералниот закон на САД кој во голема мера ги ослободува платформите како Instagram и TikTok од правна одговорност за содржината што ја објавуваат корисниците. Компаниите тврдат дека токму овој закон ги штити и во случајот на K.G.M.
Сепак, евентуална пресуда против нив би можела сериозно да ја наруши таа заштита, која со децении ги брани од ваков тип тужби. Според Бергман, прашањето речиси сигурно ќе заврши пред Врховниот суд на САД – во овој или во некој друг случај.
„Пишуваме на правна табла без правила“, изјави Бергман за Reuters.
Очекувани сведочења и различни одбрани
Се очекува извршниот директор на Meta, Марк Закерберг, да сведочи пред судот. Meta ќе тврди дека нејзините производи не ги предизвикале менталните проблеми на тужителката, соопштија адвокатите на компанијата.
Компанијата Snap, сопственик на Snapchat, исто така беше наведена како тужена страна, но на 20 јануари постигна спогодба со K.G.M. и се повлече од процесот. Деталите од договорот не се објавени.
YouTube, пак, ќе тврди дека неговата платформа е суштински различна од социјалните мрежи како Instagram и TikTok и дека не треба да се третира на ист начин. TikTok одби да ги коментира своите аргументи пред почетокот на судењето.
Борба за јавното мислење
Паралелно со судскиот процес, истите компании спроведуваат национални кампањи за да ја убедат јавноста дека нивните производи се безбедни за тинејџерите. Тие лансираа алатки за родителска контрола и инвестираа милиони долари во нивна промоција.
Meta од 2018 година спонзорира работилници за безбедност на тинејџери на интернет во десетици средни училишта низ САД, додека TikTok организира програми за „љубезно и одговорно креирање содржини“. Google, матичната компанија на YouTube, соработува со организацијата Girl Scouts во едукативни програми за дигитална безбедност.
Во исто време, компаниите ангажираа адвокати со искуство во големи судски спорови поврзани со зависности – вклучително и случаи од опиоидната криза.
„Овие компании го користат секој можен механизам на влијание“, изјави Џули Скелфо, основачка на организацијата Mothers Against Media Addiction.
„За родителите може да биде исклучително збунувачко кому да му веруваат.“