Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека ќе го испрати својот специјален претставник за контрола на имиграцијата, Том Хоман, во Минесота.
Хоман ќе пристигне во државата во услови на тензии по вториот смртен случај во Минеаполис, откако американски државјанин беше застрелан од агенти за имиграција во текот на викендот.
„Том е строг, но фер и ќе ми поднесува извештаи директно мене“, напиша Трамп во објава на социјалните мрежи.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, изјави дека Хоман ќе ги преземе федералните операции на Службата за имиграција и царина (ИЦЕ) во државата.
Трамп за „Волстрит џурнал“ вчера изјави дека неговата администрација го разгледува новото пукање и навести дека на крајот би можел да ги повлече службениците за имиграција од областа на Минеаполис.
– Во одреден момент ќе заминеме. Ние си ја завршивме работата, тие завршија феноменална работа, рече тој без да даде конкретен временски рок.
Американските имиграциски агенти го застрелаа и убија 37-годишниот Алекс Прити во саботата, во она што Министерството за внатрешна безбедност го нарече напад врз полицаец. Најновото пукање се случи еден ден откако десетици илјади луѓе маршираа низ центарот на Минеаполис протестирајќи поради присуството на агенти на ИЦЕ во градот. Претходниот инцидент се случи на 7 јануари кога агент на ИЦЕ ја уби американската државјанка Рене Гуд.