Свет Најпосетениот музеј во светот

Лувр затворен четврти пат поради штрајк

– Она што ни треба е политичка волја за да се надоместат тие разлики во платите без одлагање, изјави Кристијан Галани, претставник на синдикатот ЦГТ кој ги застапува вработените во музејот Лувр.

Лувр затворен четврти пат поради штрајк

Музејот Лувр денеска остана затворен по четврти пат од почетокот на штрајкот на дел од персоналот, кој бара подобри работни услови од средината на декември, соопшти парискиот музеј.

Најпосетениот музеј во светот одржа неколку рунди преговори со Министерството за култура и управата на музејот, но решение не е на повидок, пренесува „Фигаро“.

На генералното собрание, најмалку 300 вработени утрово гласаа за продолжување на штрајкот кој почна на 15 декември за да се укаже на недостигот на персонал и разликите во платите во однос на другите вработени во Министерството за култура, соопштија синдикатите ЦГТ и ЦФДТ.

– Она што ни треба е политичка волја за да се надоместат тие разлики во платите без одлагање, изјави Кристијан Галани, претставник на синдикатот ЦГТ кој ги застапува вработените во музејот Лувр.

Тој додаде дека сака сериозно да ја сфати министерката за култура Рашида Дати, која ги оцени барањата на штрајкувачите како „легитимни“.

– Ако нашите барања се легитимни, таа мора да се позанимава со нив пред да го напушти Министерството за да се кандидира за градоначалничка на Париз, рече тој.

Според Валери Бо од ЦФДТ, управата на Лувр вчера доставила „прва верзија“ на предлог за работните услови, кој вработените го оценија како „недоволен“.

Од почетокот на штрајкот, музејот беше принуден трипати целосно да ги затвори вратите, а исто толку пати беше делумно отворен. Во средината на јануари, Лувр процени дека загубата на приходи поврзана со штрајкот изнесува најмалку милион евра.  (МИА)

To top