Државната служба за безбедност на Летонија – Бирото за заштита на Уставот (БЗУ), предупреди на сè поизразена закана од страна на Русија, јави ДПА.
Ризиците по безбедноста што произлегуваат од Русија значително се зголемуваат во Европа, се наведува во годишниот извештај за 2025 година на службата, објавен денеска.
Иако во извештајот се заклучува дека Русија во моментов не претставува директна воена закана за балтичката држава, се посочува дека руските наративи и пропаганда поврзани со Летонија укажуваат на „потенцијални долгорочни планови“.
Во документот се нагласува дека перцепцијата на Москва за Западот како егзистенцијална закана за Русија е дополнително заострена. Русија сè повеќе се гледа себеси во директна конфронтација со Западот – не само во контекст на војната во Украина, туку и на глобално и идеолошко ниво.
Според Бирото за заштита на Уставот, Русија во 2025 година ги продолжила активностите насочени против Западот, вклучувајќи саботажи и кампањи за дезинформации.
Во извештајот се наведува и дека Москва покажала подготвеност за изведување кибернапади врз индустриските системи за контрола во Летонија и во други западни земји, со цел да се создаде несигурност и недоверба кај населението и да се поткопа западното единство во поддршката за Украина.
Директорот на Бирото, Егилс Звиедрис, изјави дека земјата мора „да биде подготвена за фактот дека Русија ќе се обиде да влијае врз претстојните парламентарни избори во Летонија“, кои треба да се одржат наесен. (МИА)