Меморандум за соработка потпишаа денеска директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Мухамед Али, и генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити.
Од ЦУК информираат дека со меморандумот се продлабочува институционалната соработка и се воспоставува цврста рамка за координирано, навремено и ефикасно дејствување во превенција, подготвеност и справување со кризни и вонредни состојби.
Документот, како што се посочува, предвидува заедничко планирање, размена на информации и ресурси, организирање обуки и теренски вежби, како и развој на компатибилни системи за побрз и поефективен одговор при кризи.
Посебен акцент се става на зајакнување на оперативните капацитети, унапредување на меѓусебната координација и подигање на јавната свест кај населението, вклучително и промоција на бројот за итни повици 112. Потпишувањето на меморандумот претставува значаен чекор кон градење посилен и поотпорен систем за управување со кризи, во служба на заштитата на животот и здравјето на граѓаните, материјалните добра и безбедноста на државата, наведуваат од ЦУК.