Американскиот носач на авиони „Линколн“ пристигна во близина на Иран, во рамките на подготовките за можна воена интервенција против Исламската Република, јави израелската телевизија Канал 13.
Војската на САД, за одбрана на Израел и околните земји во кои се наоѓаат американски воени бази, во регионот испрати и брод кој носи посебни системи со проектили. Медиумите наведуваат дека во план е и зајакнување на одбраната на копно, а се очекува американските системи за противвоздушна одбрана THAAD да пристигнат во наредните денови.
Високи офицери на Израелските одбранбени сили (ИДФ) ја дефинираа претстојната недела како „клучна недела“ за можноста за американски напад врз Иран, јави Канал 13.
ИДФ дејствуваат под претпоставка дека би можело да дојде до напад врз Иран, откако САД во текот на викендот ги завршија подготовките на силите за операција.
Командантот на Централната команда на војската на САД, задолжена за Блискиот Исток, адмирал Бред Купер, неодамна се сретна со началникот на израелскиот генералштаб Ејал Замир, за да разговараат за одбранбена и офанзивна координација. Купер разговараше и со високи функционери во разузнавачките и оперативните оддели на војската на Израел.
Според информациите пренесени во разговорите, претседателот Трамп сè уште нема донесено конечна одлука за датумот на нападот, но силите се распоредени на стратешки точки на Блискиот Исток и во медитеранскиот басен, наведува Канал 13.
Израел се надева дека почетниот удар ќе вклучува напад врз иранските ракетни складишта, за да се намали интензитетот на реакцијата против Израел.
Покрај носачот на авиони, формирана е офанзивна група која вклучува и разорувачи и подморници опремени со ракети „Томахавк“.
Истовремено, САД го зголемија воздушното присуство во базите во регионот со авиони Ф-15, вклучително и во базата во Јордан.
Паралелно со воените тензии, продолжува и внатрешниот притисок врз властите во Техеран. (МИА)