Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска оствари работна посета на Средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“ – Скопје, каде што се запозна со работата и можностите што ова стручно училиште ги нуди за професионално образование во електротехничкиот сектор и енергетиката.
Во рамки на посетата, министерката ја разгледа техничката опрема на училиштето, вклучително и современите кабинети и лаборатории за настава по енергетски постројки, информатика, автоматика и обновливи извори на енергија, кои се од клучно значење за практично стручно образование.
На средбата со учениците, наставниот кадар и директорот на училиштето, министерката Божиновска истакна дека стручното образование е значаен столб за развојот на квалификувана работна сила во енергетскиот сектор, особено во услови на трансформација на енергетскиот систем кон поголема енергетска ефикасност и користење на обновливи извори на енергија.
Таа потенцираше дека потребата од млади и стручно подготвени кадри во енергетиката и електротехниката расте, и дека државата вложува напори да го поврзе образованието со пазарот на трудот, преку развој на практични вештини и соработка со индустријата.
Министерката водејќи дијалог со учениците се осврна и на важноста на иновациите, енергетската ефикасност и можностите за идни кариери во секторот, охрабрувајќи ги младите да ги следат можностите за развој и професионален раст. Таа го потенцираше и значењето на соработката меѓу образованието, државните институции и деловниот сектор за обезбедување на конкретни можности за практична обука и идни вработувања.

Средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“ важи за едно од најнапредните стручни училишта во државата, целосно реновирано и опремено со современа инфраструктура што нуди одлични услови за создавање нови кадри во електротехничкиот и енергетскиот сектор. Ова е првото училиште кое има сопствено производство на електрична енергија преку фотоволтаични панели, како и специјализирани кабинети за иновации и практична настава, каде што учениците стекнуваат реални вештини применливи на пазарот на трудот.
Училиштето активно учествува на бројни натпревари и проекти и соработува со сродни образовни институции од целиот регион, градејќи мрежа на знаење и размена на искуства. Министерката Божиновска им порача на учениците дека очекува своето знаење и потенцијал да го покажат во државните енергетски компании и институции, изразувајќи надеж дека ќе останат во земјата и ќе придонесат кон развојот на македонската енергетика.
Посетата придонесе за продлабочување на дијалогот околу подобрување на стручните профили и зголемување на интересот за образование што директно ги подготвува учениците за предизвиците во модерниот енергетски сектор.