По повод Меѓународниот ден на образованието, денеска во Битола, Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, одржа информативно-промотивен настан посветен на можностите што ги нуди програмата Еразмус+ и европските образовни партнерства.
Настанот го отвори градоначалникот на Општина Битола,Тони Коњановски, кој ја истакна важноста на соработката меѓу локалната самоуправа и Националната агенција во доближувањето на европските образовни можности до граѓаните, институциите и организациите.
Во своето обраќање, в.д. директорката на Националната агенција, Ана Михајлов, истакна дека Битола, како град со богата образовна, културна и граѓанска традиција, претставува вистинско место за започнување на нов циклус на промоција, информирање и вмрежување на чинителите во образованието. Таа нагласи дека со ваквите активности, просторот сè повеќе се позиционира како отворена и достапна точка за средби.
Во рамки на настанот беа презентирани можностите на програмата Еразмус+, вклучително и новата акција КА240 – Европски партнерства за унапредување
на училишното образование, а беше споделен и практичен пример од проектот „Еразмус+ Патеки за промена“, презентиран од претседател на Европскиот културен епицентар – Битола, Веле Георгиев.
Националната агенција најави продолжување на ваквите информативни активности и во наредниот период.