Недостатокот на судии и јавни обвинители не може да се надмине без соодветна правна рамка. Со новиот Закон за Академијата за судии и јавни обвинители, кој беше објавен на ЕНЕР се воведува годишен прием во Академијата врз основа на прецизни проекции по судови и обвинителства по апелационо подрачје, информираше на денешната прес-конференција министерот за правда Игор Филков.
„ Се воведуваат одделни јавни повици, при што кандидатите аплицираат за едно конкретно работно место – или за судија, или за јавен обвинител. Истовремено, се воспоставува мерит-систем за рангирање, каде најдобрите кандидати имаат приоритет при распоредувањето” изјави министерот за правда Игор Филков.
Овие мерки се само еден дел од реформите на кои работеше Министерството за правда во изминатиот период. Донесен е новиот Закон за Судски совет, со кој се зајакнуваат механизмите за отчетност, транспарентност и одговорност. Во владина процедура се законите за судска и јавнообвинителска служба, како и законите за плати во правосудството.
„ Пристапот кон овие закони е внимателен и одговорен со цел да се обезбеди системско, одржливо и правично решение, усогласено со Реформската агенда и европските стандарди. Се работи за чувствителна материја која бара темелна анализа и сеопфатна институционална координација” потенцира Филков.
Правосудството со години функционира и со сериозни кадровски, организациски и функционални слабости. Министерот за правда Игор Филков посочи дека недостатокот од судии, јавни обвинители, судска и јавнообвинителска служба, како и ограничените можности за нивно навремено пополнување, директно се одразуваат врз ефикасноста на постапките, како и врз квалитетот на одлучувањето и врз остварувањето на едно од темелните права – правото на судење во разумен рок.
„ Свесни сме дека без темелни и добро насочени реформи, ваквите појави ќе продолжат да се повторуваат. Затоа, Министерството за правда пристапи системски, со утврдување на фактичката состојба на терен и со преземање конкретни чекори.
Во текот на 2024 и 2025 година, Министерството за правда спроведе надзор во сите судови во државата. На тој начин, беше констатирана состојбата за секој суд поединечно и предизвиците со кои се соочува. Наодите, меѓу другото јасно укажаа на сериозен недостаток на кадар: пополнетоста на судските места изнесува околу 67%, додека пополнетоста на судската служба е само 36%” рече министерот Филков.
Овие бројки , според него не се апстрактни статистики. Тие значат одложени рочишта, натрупани предмети, преоптоварени судови и сериозен ризик за повреда на фер судење. Особено загрижувачки е недостатокот на судска и јавнообвинителска служба – записничари, референти, стручни соработници, информатичка и техничка поддршка. Без овој кадар, правосудството не може да функционира ефикасно, без разлика на квалитетот на законите.
„ Како одговор на оваа состојба, Министерството за правда вчера достави до Министерството за финансии известување со кој укажуваме дека се неопходни итни вработувања во судската и јавнообвинителската служба. Ова барање е засновано на детални податоци, конкретни потреби од терен и известувања доставени од Судскиот совет и Јавното обвинителство. Со овој институционален чекор очекуваме да се обезбеди функционалност на системот” рече министерот за правда Игор Филков.