Свет војна

Русија бара повлекување на украинските сили од Донбас пред состанокот во Абу Даби

Москва денеска посочи дека и натаму бара Киев да ги повлече своите сили од источна Украина со цел да се реши конфликтот.

Русија бара повлекување на украинските сили од Донбас пред состанокот во Абу Даби

Москва денеска посочи дека и натаму бара Киев да ги повлече своите сили од источна Украина со цел да се реши конфликтот.

„Вооружените сили на Украина мора да го напуштат Донбас, тие мора да се повлечат. Ова е многу важен услов“, изјави портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков пред разговорите во Абу Даби меѓу руските, украинските и американските претставници.

Тој истакна дека без решение за територијалното прашање, бесмислено е да се надеваме на долгорочен договор.

Русија бара повлекување на украинските сили од Донбас, индустриски и рударски регион во источна Украина, во кој се областите Доњецк и Луганск.

Руските барања се особено насочени кон регионот Доњецк, што делумно го контролира и кој останува епицентар на борбите кои одзедоа најмалку десетици илјади животи од 2022 година, објави веб-страницата на парискиот весник „Ле Монд“.

Советникот за надворешни работи на Кремљ, Јуриј Ушаков, кој учествуваше на синоќешниот состанок на Стив Виткоф и Џаред Кушнер со рускиот претседател Владимир Путин во Москва, изјави дека „е потврдено дека постигнувањето долгорочен договор не може да се очекува без решавање на територијалното прашање“.

Ушаков изјави дека првиот состанок на трилатералната работна група за безбедносни прашања ќе се одржи денеска во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).

Руската делегација ја предводи шефот на военото разузнавање, адмирал Игор Костјуков.

Според Киев, Украина ја претставуваат секретарот на Советот за безбедност, Рустем Умеров, шефот на кабинет на украинскиот претседател, Кирило Буданов, заменик-шефот на кабинет, Сергеј Кислица, шефот на партијата на претседателот, Давид Арахамија, и началникот на Генералштабот на вооружените сили, генерал Андриј Хнатов.

To top