Македонија Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Македонскиот пазар на електрична енергија се шири со поддршка на словенечката берза – започнува пазарот во тековниот ден (Intraday Market)

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја поздравува и институционално ја поддржува денешната реализација на Договорот меѓу Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје и словенечката енергетска берза БСП, со кој официјално започнува имплементацијата на пазарот во тековниот ден (Intraday Market).

Македонскиот пазар на електрична енергија се шири со поддршка на словенечката берза – започнува пазарот во тековниот ден (Intraday Market)

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја поздравува и институционално ја поддржува денешната реализација на Договорот меѓу Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје и словенечката енергетска берза БСП, со кој официјално започнува имплементацијата на пазарот во тековниот ден (Intraday Market).

„Воспоставувањето на пазарот во тековниот ден е суштински чекор за модернизација на македонскиот енергетски сектор и негова реална интеграција во европскиот пазар. Со вакви конкретни проекти ја градиме стабилноста, транспарентноста и конкурентноста на пазарот, а државата јасно покажува дека знае каде оди и зошто“, изјави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.

Договорот беше потпишан во просториите на МЕМО, во присуство на министерката Божиновска, од страна на управителот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, и извршниот директор на словенечката енергетска берза БСП и претседател на Управниот одбор на групацијата АДЕКС, Анже Предовник.

Договорот претставува континуитет на соработката со БСП и ЕПЕКС СПОТ, важен чекор во развојот на македонската берза за електрична енергија и зајакнување на нејзината техничка и институционална подготвеност за пазарна интеграција со Европската Унија.

Со Договорот, се обезбедуваат трговски и клиринг платформи за пазарите на електрична енергија – ден – однапред и пазар во тековниот ден. Пазарот ден-однапред во Македонија успешно функционира од мај 2023 година, а воспоставувањето на пазарот во тековниот ден претставува логично продолжување на процесот на пазарно заокружување и европска интеграција.

Министерката Божиновска нагласи дека Министерството активно и континуирано ја поддржува институционалната и техничката подготвеност на пазарните оператори: „Нашата цел е јасна – функционален, сигурен и европски усогласен пазар на електрична енергија. Пазарот во тековниот ден, носи поголема флексибилност, подобро управување со обновливите извори и намалување на системските ризици. Тоа е директна придобивка и за учесниците на пазарот и за енергетската стабилност на државата“, истакна Божиновска.

По потпишувањето на Договорот, одржан е и почетен (kick-off) состанок со претставници на БСП, со што официјално започнаа активностите за воспоставување на пазарот во тековниот ден, чија целосна имплементација е планирана до крајот на вториот квартал од 2026 година.

Управителот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, оцени дека Договорот претставува значаен чекор во јакнењето на организираниот пазар и неговата подготовка за идно поврзување со единствениот европски пазар, додека Анже Предовник ја нагласи важноста на партнерството и институционалната поддршка од Министерството како клучен фактор за успешна реализација на проектот.

Со оваа активност, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини уште еднаш ја потврдува својата стратешка определба за развој на функционален пазар на електрична енергија, продлабочување на регионалната соработка и целосна интеграција во европското енергетско пазарно подрачје.

Најнови вести од Македонија

To top