Свет

Неформален Самит на ЕУ посветен на последните „случувања во трансатлантските односи“

Неодамнешните случувања во трансатлантските односи, нивните импликации врз Европската Унија и координирањето на следните европски чекори, ќе бидат главна тема на неформалниот Самит на ЕУ што вечерва ќе се одржи во Брисел.

Неформален Самит на ЕУ посветен на последните „случувања во трансатлантските односи“

Неодамнешните случувања во трансатлантските односи, нивните импликации врз Европската Унија и координирањето на следните европски чекори, ќе бидат главна тема на неформалниот Самит на ЕУ што вечерва ќе се одржи во Брисел.

Како што наведува претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта во поканата до шефовите на држави или влади на членките на ЕУ за учество на Самитот, состанокот ќе започне со размена на мислења на лидерите со претседателката на Европската комисија, Роберта Мецола.

Одржувањето на Самитот Кошта го најави во неделата вечерта во објава на Икс, откако претходниот ден американскиот претседател Доналд Трамп најави воведување на санкции од 10 отсто од 1 февруари кон Велика Британија, Германија, Данска, Норвешка, Финска, Франција, Холандија и Шведска, поради, според него, нивното противење на неговата намера за преземање на Гренланд. Според Трамп, оваа царинска стапка би се зголемила на 25 отсто од 1 јуни и би важела сè додека „не биде постигне договор за купување на Гренланд“.

– Со оглед на значењето на неодамнешните случувања и со цел понатамошна координација, решив да свикам вонреден состанок на Европскиот совет во наредните денови, наведе Кошта.

Тој во објавата нагласи и дека неговите консултации со лидерите на земјите членки на ЕУ за најновите тензии околу Гренланд го потврдиле единството на Унијата за почитувањето на принципите на меѓународното право, територијалниот интегритет и националниот суверенитет и за поддршка и солидарност со Данска и Гренланд.

Земјите членки, според Кошта, ја потврдиле и силната посветеност на признавање на заедничкиот трансатлантски интерес за мир и безбедност на Арктикот, особено преку работа во рамките на НАТО и ја изнеле заедничка проценка дека царините би ги поткопале трансатлантските односи и се некомпатибилни со трговскиот договор меѓу ЕУ и САД.

Кошта во објавата додаде и дека лидерите ја потврдиле својата подготвеност да се одбранат од каква било форма на принуда и да продолжат конструктивно да се ангажираат со САД за сите прашања од заеднички интерес.

Во исто време во неделата вечерта Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер) донесе одлука Унијата да му даде шанса на дијалогот со САД, пред да преземе какви било „одмазднички мерки“ како одговор на најавените американски царини од 1 февруари. Според оваа одлука, доколку не биде постигнат договор со Вашингтон до 6 февруари, ЕУ ќе воведе реципрочни царини кон американскиот увоз во износ од 93 милијарди евра.

На состанокот на Корепер била разгледувана и опцијата за активирање на „инструментот против принуда“ (АЦИ) кон САД, кој предвидува ограничување на увозот на стоки и услуги во ЕУ, но мнозинството земји членки се изјасниле против ваквата идеја.

Покрај, за случувањата околу Гренланд и американските царини, како што најави вчера заменикот главен портпарол на Европската комисија, Олоф Гил, на Самитот ќе се разговара и за учеството на Европската унија во Одборот за мир во Газа, формиран од американскиот претседател Доналд Трамп. Во понеделникот Европската комисија потврди дека претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен добила покана од САД да учествува во Одборот за мир.

To top