Унгарската влада денеска најави пакет помош од 100 милијарди форинти (304,42 милиони американски долари) за угостителите, со цел да им помогне да се справат со значително повисока минимална плата.
На тој начин, владата ќе ја поддржи ликвидноста на рестораните и планира да ги намали нивните даночни обврски со одредба според која до една петтина од нивниот приход ќе се третира како надомест за услуга.
Мерките треба да ги зајакнат финансиите на рестораните по зголемувањето на минималната плата за 11 проценти на почетокот на годината.
Пакетот, исто така, вклучува преполовена туристичка такса и укинување на давачките за потрошувачка во сегментот на забава за компаниите чија вредност не надминува еден процент од годишниот промет, објави финансиската веб-страница portfolio.hu, повикувајќи се на изјавите на министерот за економија Мартон Наѓ.
Премиерот Виктор Орбан, исто така, навести дека би можел да го одложи укинувањето на субвенциите за цените на енергијата, за граѓаните полесно да можат да го поднесат товарот од повисоките сметки за греење во услови на студен бран.
Неговата влада на денешната седница треба да донесе одлука за промените во субвенциите.
Есенската анкета на Евробарометар покажа дека Унгарците се најмногу загрижени од зголемувањето на трошоците за живот, и покрај намалувањето на инфлацијата, од 25 проценти на почетокот на 2023 година до дозволениот опсег од два до четири проценти во ноември, според податоците на унгарската Централна банка, потсетуваат британските медиуми.
Орбан, исто така, најави големи намалувања на даноците за семејствата, зголемување на платите, купони за храна за пензионерите, додаток за пензија што треба да се исплати во февруари и програма за субвенционирани станбени кредити. (МИА)